СВР Куманово поднесе кривична пријава против поранешниот заменик градоначалник на Општина Старо Нагоричане, Б.Ц. (55), и против Д.А. (38), вработен како соработник за промена на прописи и човечки ресурси во истата општина. Пријавата е поднесена поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „противзаконско располагање со буџетски средства за време на избори“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Според наводите на полицијата, Б.Ц. во 2023 година му наредил на Д.А. да изготви решенија за исплата на јубилејни награди за десет лица, кои биле исплатени во 2024 година. Со тоа, општинскиот буџет бил оштетен за 204.283 денари. Случајот е во рана фаза, а надлежните продолжуваат со истражните активности.