Мицкоски: „Го вративме името – и СДСМ веќе не вика ‘северна’“

News

Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека „името е вратено“, оценувајќи дека и СДСМ и нивниот лидер Венко Филипче во јавните настапи сè почесто го користат изразот „Македонија“, без додавката „северна“. Тој ова го кажа во гостување во централниот Дневник на ТВ Сител, коментирајќи ги обвинувањата од опозицијата дека не може да му се верува, меѓу другото и поради ветувањата поврзани со Преспанскиот договор.

„Ги гледам, аха не можело на Мицкоски да му се верува, тој рече дека ќе го врати името, ќе го поништи договорот. Па, еве – го вративме. Па, дури и Венко, кому му беше устата полна со ‘северна’, сега користи Македонија“, изјави Мицкоски.

Во продолжение, премиерот удри по СДСМ со тврдење дека партијата која, според него, потпишувала „капитулантски договори“ како Преспанскиот, денес се претставува како најголем патриот, а реториката им е „полна со Македонија“. „Дури и СДСМ, која потпиша такви капитулантски договори како Преспанскиот и прифати капитулација пред Бугарија, денес се најголемите патриоти… ниту еднаш не кажале ‘северна’. Така што, еве – го вративме“, рече тој.

На забелешка од новинарот дека тоа не го менува фактот дека уставното име на државата е Република Северна Македонија, Мицкоски одговори дека опозицијата, според него, води „лоша и лажна кампања“ која ќе им се врати како бумеранг на избори. Тој ова го поврза со обвинувањата што СДСМ ги пласира за наводно прифаќање одбиени азиланти од Обединетото Кралство, оценувајќи дека таквите тврдења создаваат политичка манипулација и притисок во јавноста.

„Ќе бидам искрен и ќе повторам, нам ни треба една опозиција што е зрела и што ќе дојде барем до својот биолошки минимум“, додаде премиерот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *