Премиерот Христијан Мицкоски, во гостување на ТВ Сител, зборувајќи за доцнењата во исплатата на социјалната помош, рече дека Владата нема да дозволи злоупотреби и најави „чистење“ и филтрирање на списокот на корисници, тврдејќи дека има случаи каде што поединци земале и до 60–65 илјади денари месечно по повеќе основи.
„Ситуацијата е стабилна, но треба да научиме ред и дисциплина. Парите не можат да се трошат спонтано и буџетот не може да се цица и молзе преку лажни фактури. Кога станува збор за социјална помош, има многу случаи каде што социјалната помош, а ние веќе ги анализираме, се зема од неколку причини. Имаме корисници на социјална помош кои примаат ГМП (гарантирана минимална помош), но и друга помош до 60-65 илјади денари месечно, од неколку причини што ги примаат. Ова е кражба, ова е нелегално. Да, ќе го исчистиме и филтрираме списокот на корисници на гарантирана минимална помош затоа што ни е грижа за државата и ни е грижа за иднината на државата“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека, и покрај „хаосот“ што го затекнале при преземањето на функцијата, според него е постигната консолидација и земјата бележи високи економски резултати во Европа според БДП.
„Можеме сето ова да го скриеме под тепих, да поделиме колку што можеме и да ја задолжиме државата, но дали ова е одговорно за генерациите по нас? Не, треба да го консолидираме, ние го консолидиравме. Да ве потсетам дека кога почнавме, немавме држава, немавме систем, сè беше уништено. За година и пол се консолидираме, бележиме економски резултати кои се највисоки во Европа, за нашиот БДП, да се разбереме, да не се разбираме погрешно. Сега кога го имаме сето ова предвид, овие предизвици се логични, не е нешто нелогично, но мора да има ред и дисциплина“, нагласи Мицкоски.