Наставничка во училиште во Санкт Петербург денеска била повредена откако ученик ја нападнал со нож, по што е хоспитализирана, јавуваат руските медиуми.
Според првичните информации, нема други повредени, а наставата во училиштето продолжила нормално, изјавил претставник од администрацијата на округот Красногвардејски преку Телеграм.
Регионалното МВР наведува дека мотивот бил незадоволство од оценка, а според РИА Новости, напаѓачот – ученик од 9 одделение – по инцидентот се обидел да се самоубие, но бил спречен од полицијата.
Отворена е истрага за утврдување на сите околности. По нападот, во кој била повредена 29-годишна наставничка, Комитетот за образование во Санкт Петербург им наложил на директорите на училиштата да ги засилат безбедносните мерки, а на службите за психолошка и социјална поддршка им било препорачано поголемо внимание на превентивната работа со учениците и семејствата.