ОГНЕНА ЗАКАНА КАЈ ШТИП: Пожарот повторно избувна кај Кадидере, оштетени и викенд-објекти!

News

Пожарот во атарот на Кадидере кај Штип повторно се активираше, само неколку часа откако претходно беше локализиран и изгаснат. Според информациите доставени преку Центарот за управување со кризи на бројот 112, силниот ветер придонел огнот брзо да се прошири и да создаде сериозна опасност на теренот.

Првичната интервенција на Територијалната противпожарна единица од Штип била реализирана со едно возило и тројца пожарникари. Сепак, поради наглото ширење на пламените јазици, околу 15:20 часот биле мобилизирани дополнителни сили, при што во акцијата се вклучиле 20 пожарникари со четири противпожарни возила.

Поддршка пристигнала и од Доброволното противпожарно друштво од Штип, кое ангажирало 12 свои членови и четири возила за справување со огнената стихија.

Огнот зафатил големи површини со сува вегетација, треви и нискостеблести грмушки. Поради непристапниот терен и неповолните временски услови, пожарот се ширел со голема брзина, при што биле зафатени и неколку викендички во близина.

Со цел да се спречи понатамошно ширење на пожарот, покрај штипските екипи биле повикани и противпожарни тимови од соседните општини. Во акцијата е вклучен и авион на Дирекцијата за заштита и спасување, додека локалните власти побарале дополнителна помош од околните општини.

Пожарот и понатаму останува активен и претставува сериозен предизвик за службите на терен, кои со сите расположливи ресурси се обидуваат да ја стават ситуацијата под контрола.

Веста ја пренесува Skopje1.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *