Од СДСМ тврдат: Со владина одлука акции на Мијалков завршиле во Алта банка!

News

Опозициската СДСМ обвини дека Алта банка ги купила конфискуваните акции на Сашо Мијалков, со кои управувала државата како одземен имот, а трансакцијата, според партијата, била реализирана со одобрение од Владата предводена од Христијан Мицкоски.

Од СДСМ велат дека не веруваат во „случајности“, оценувајќи дека околу Алта банка се наталожиле премногу сомнителни околности кои, според нив, заслужуваат сериозно институционално внимание.

Партијата посочува на, како што тврдат, кадровски и политички поврзаности. Како пример ја наведуваат Маја Кадиевска Војновиќ, член на Управниот одбор на банката, за која тврдат дека во минатото била дел од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Потоа го посочуваат и Стевчо Јолакоски, член на Надзорниот одбор, за кого наведуваат дека е роднински поврзан со министерот Панче Тошковски. Во тој контекст се споменуваат и имиња од менаџерскиот тим, меѓу кои Лидија Неделкова и Марјан Закев.

СДСМ тврди дека Закев во минатото бил сопственик и управител на фирма во која во 2014 година влегла „Ексико“ Скопје, компанија која партијата ја поврзува со офшор-структури и бизнис кругови што јавноста ги поврзува со предметот „Империја“. Токму во рамки на овој предмет биле конфискувани и акциите за кои сега се тврди дека завршиле кај Алта банка.

Опозицијата отвора и дополнителни прашања – дали по купувањето може да следи преземање на акциите од фирми блиски до ВМРО-ДПМНЕ или до Мијалков, како и тврдење дека фирма наводно блиска до Мијалков исплатила голема сума пари во готово, приближна на вредноста на акциите, преку домашна банка.

СДСМ најави дека нивниот Антикорупциски тим ќе го следи случајот, оценувајќи го како уште еден пример за, како што велат, коруптивно владеење, со порака дека техничката влада мора да остане.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *