Државниот завод за ревизија, по извршена ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за работењето на АД Државна лотарија за 2024 година, констатирал сериозни неправилности и сомнеж за злоупотреба на парични средства во износ од речиси 2 милиони евра.
Ревизорите посочуваат сомнеж за незаконско работење со благајната и платежните сметки, како и сомнителни исплати на добивки. Во извештајот се наведува дека биле вршени и исплати на „мали добивки“ во износ од над 13 милиони денари, при што за голем дел од исплатите недостасувала валидна документација.
Дополнително, со ревизијата е утврдено дека во 2024 година вкупно остварениот „дневен пазар“ од продажба на лотариски и електронски игри на среќа на 10 сопствени продажни места изнесувал 746.970 евра, но средствата не биле редовно уплатувани на платежните сметки во деловните банки на друштвото.
За утврдените неправилности и сомнежите за незаконско работење, ревизорите ги информирале надлежните органи за понатамошно постапување.