Ева Заева се прости од прерано починатиот млад бизнисмен Душко Чифлиганец со емотивна објава на својот Инстаграм профил. Таа објави црно-бела фотографија придружена со емотикон на скршено срце, а во позадина ја додаде песната „Always“ од Џон Бон Џови – знак на тага и лична болка.
Иако Заева и Чифлиганец никогаш јавно не ја потврдија својата врска, нивните заеднички фотографии на социјалните мрежи изминатите години сведочеа за блискоста и приватниот однос меѓу нив.
Смртта на 32-годишниот Душко Чифлиганец предизвика голема тага меѓу неговите пријатели, семејството, деловните партнери и пошироката јавност. Бизнисменот трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа што се случи во Брно, Чешка.
Чифлиганец беше дипломиран економист и потпретседател на „Адора Бизнис Групација“, семејната компанија основана од неговиот татко, Ванчо Чифлиганец. Заедно со сестра му Драгана, во последните години активно го преземаше водството во компанијата. Беше и директор на „Адора Ливинг Солушнс“, а со неговиот пријател Иван Ивановски ја основа „Адора Прајм Капитал“ – првата македонска инвестициска консултантска компанија со акредитација од американската Комисија за хартии од вредност (SEC).
Покрај бизнис-успесите, Чифлиганец беше познат и по својата хуманост. Преку „Адора“ реализираше бројни хуманитарни акции, а оствари и соработка со Фондацијата на Новак Ѓоковиќ во Србија.
Душко Чифлиганец ќе остане запаметен како млад, амбициозен и перспективен бизнисмен, кој со визија и посветеност вложуваше во развојот на македонската економија и поддршката на заедницата.
РЖМ