Се загрева ли сцената за предвремени избори уште наесен?

News

Се подготвува ли терен за предвремени парламентарни избори најрано наесен? СДСМ тврди дека сценариото веќе се пишува, ДУИ отворено притиска за ново излегување на гласање, додека власта – барем официјално – демантира. Сепак, заострувањето на политичката реторика и тет-а-тет средбата меѓу Али Ахмети и Христијан Мицкоски повторно ја вратија темата за можни избори на маса.

Дел од политичките аналитичари сметаат дека новиот партиски мандат на Мицкоски и економската состојба во државата, која би можела да му носи политички минус како премиер, логично го туркаат кон идеја за нов изборен мандат.

Други, пак, се повоздржани во прогнозите и тврдат дека за предвремени избори на Влада со речиси двотретинско мнозинство мора да постои сериозна политичка причина. Според нив, ако профункционира начелниот договор од лидерската средба, за такво сценарио воопшто нема потреба.

Темата за предвремени парламентарни избори повторно се активираше откако премиерот Мицкоски, на лидерската средба, од никаде ја отвори иницијативата за укинување на техничката влада која, по закон, треба да се формира 100 дена пред парламентарни избори. Редовните избори, инаку, би требало да се одржат дури во 2028 година.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во изминатиот период тврдеше дека планот на Владата е да оди на избори за да реализира наводен договор поврзан со мигрантска криза и финансиски аранжмани – тврдења што Мицкоски повеќепати јавно ги демантираше.

ДУИ, пак, бара предвремени избори уште од завршувањето на последните, а според партиски извори, Ахмети истата идеја планира да ја отвори и на директната средба со Мицкоски. Категорично против избори засега се коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, односно тројката од коалицијата ВРЕДИ./24.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *