Зоран Јованов, татко на Васил Јованов, денеска пред Основниот кривичен суд во Скопје изјави дека не се чувствува виновен и дека не разбира што точно му се става на товар. Тој е обвинет за „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средства“, по трагичниот инцидент во кој неговиот син, управувајќи автомобил без дозвола и под дејство на алкохол, ја усмрти Фросина Кулакова.
Според Обвинението,Зоран Јованов,кој е воено лице, се товари дека му го дал автомобилот на Васил и покрај тоа што знаел дека нема возачка дозвола и дека претходно правел прекршоци.
Обвинителот Александар Марковски тврдеше дека Јованов, преку родителска попустливост, придонел за создавање на опасната состојба.
– Во случајот станува збор за еден ноторен факт – татковата љубов спрема синот единец била голема, но резултирала со несреќна пропустливост на родителот кон синот кој што се оддал и на пороци, рече тој.
Обвинителот посочи дека обвинителството ќе докаже дека таткото бил тој кој придонел да се генерира опасната состојба од страна на неговиот син, обвинетиот Васил Јованов.