Кондуктер во воз го загуби животот во Германија по напад што се случи во понеделникот навечер од страна на 26-годишен маж. Меѓународните медиуми известуваат дека 36-годишниот кондуктер бил нападнат од младиот човек, кој немал возен билет.
Инцидентот се случил веднаш по станицата Ландштул во сојузната покраина Рајнланд-Пфалц, додека 26-годишникот бил уапсен од полицијата и изведен пред судија, кој го обвинил за убиство од небрежност.
„Оваа трагична смрт нè остави без зборови и сме длабоко тажни. Моето најдлабоко сочувство до неговото семејство, пријателите и колегите. Ние во „Дојче Бан“ (Deutsche Bahn) го осудуваме со најостри зборови овој ужасен чин на насилство и сосема бесмислената смрт на нашиот колега. Сите мораме да се запрашаме зошто ваквите акти на насилство продолжуваат да се случуваат. Ние, политичарите и општеството, мораме да понудиме одговори. Денес е темен ден за сите железнички работници низ целата земја. Ние во „Дојче Бан“ тагуваме“, изјави Евелин Пала, извршен директор на германската железничка компанија.