Таа е мајка на тинејџерка, но и урбана дама чија модна приказна инспирира многумина. Секојдневно, модните креации ги споделува на социјалните мрежи, а облека освен од керка ѝ, позајмува и од сопругот, посебно оверсајз блејзерите.
„Мојата модна приказна е врзана уште од кога знам за себе. Тоа е нешто што постои во тебе, нешто што го носиш и само чека вистинскиот момент за да излезе на површина. И да созрее како што сореваш и ти, едноставно тоа сум Јас , поинаку незнам.
Модните креации, мојот секојдневен изглед почнав да го споделувам спонтано секојдневно, едноставно тоа беше мој двигател за убав и модерен ден како што и доликува на една урбана жена. И морам да признаам дека уште на почетокот наидов на мои следбеници – жени кои секојдневно се подржуваме, разменуваме идеи за нашето секојдневно облекување со идеи кои си ги „позајмувавме“ една на друга“ – вели на почетокот на нашиот разговор нашата соговорничка Јасминка Трајковска.
Најголем поддржувач на Јасминка е нејзината ќерка.
„Наидов на позитивен воодушевувачки коментар од нејзина страна, како тоа мајка ѝ се облекува убаво во склад со модерните трендови.
Дури станав и омилена кај нејзините другарки да се консултираат со мене што да облечат, што да купат, едноставно ги интересираше моето мислење што ми е многу мило, а нормално и на мојата Иси“, вели таа признавајќи дека со ќерка ѝ понекогаш разменуваат облека.
„На почеток беше по некое парче, а сега веќе си делиме, позајмуваме повеќе гардероба и нема лутење кога сакаме да позајмиме нешто се прашува и тоа не е секој ден, за некоја пригода, вечерно излегување, а вака за секој ден секоја си носи нејзино (се смее).
Во сето тоа имам среќа бидејќи таа си има изградено свој стил, што ми е особено важно за нејзината индивидуа, а со мене се советува, знае што треба да позајми од мајка ѝ, а да биде соодветно за нејзина возраст, бидејки се знае ние сме мајка и ќерка не другарки, иако понекогаш така делуваме“, вели оваа мајка која следи модни трендови.
Мислата дека секој ден е нов, Јасминка ја полни со енергија.
„Треба да сме благодарни за секој нов ден. Јас така се полнам со енергија, а тоа оди заедно и е врзано со мојата личност, карактер, самодоверба и желбата за подобар ден. Правила за тоа кој како се носи и на +45 стојам на тоа дека нема, нормално ако знаеш како се тоа да го искомбинираш, а затоа често користам една мисла или те бидувва или не. Се треба да биде добро скоцкано, складно, а не вулгарно и безобразно. Одсекогаш сум била таква, никој не ми застанал на патот да ме критикува или пак забрани, растев во семејството каде во се ме поддржуваа како дете, а после и како сопруга во брак“ додава таа.
Инспирација за комбинациите, добива најчесто од Инстаграм, портали, а најмногу од обичните луѓе.
„Генерално следам инфлуенсерки кои ми се добар показател што треба да облечам баш секој ден како урбан уличен стил. И секогаш знам, за секој ден без да се оптоварувам, едноставно тоа ми е во мојата ДНК и ме прави среќна да полнам енергија ова му доаѓа како храна за тело“ вели Јасминка која од друга страна не крие дека има добро искуство со second hand продавниците.
„Не се срамам да кажам дека имам добро искуство и соработка со second hand бизнисите кои често ги поддржувам. Тоа е облека која е облечена еднаш, а некогаш ниту еднаш. Јас имам парче купено и за 500 денари и истото умеам да го искомбинирам на свој начин како да е купено од некој бренд. Тоа за мене не е проблем, дури и препорачувам кога ќе ме прашаат. @your.second.hand.corner и @elenasvintage.
Оверсајзд блејзерите се заштитен знак на Јасминка. Токму со нив умее да направи милион модни комбинации, а ниту една да биде иста како претходната.
„И кога ќе се погледне мојот инстаграм профил фотографиите, секоја е слична на другата а сепак со друг шмек и изглед кој дава слика на нешто кое е различно од претходното. Ако нешто правиш од срце и го сакаш нема проблем и ти успева“, вели таа откривајќи дека често оверсајзд сако знае да земе и од нејзиниот сопруг.
„На тоа мојот сопруг само се насмевнува, и баш му причинува задоволство што му ги позајмувам сакоата“ , искрено вели, алудирајќи дека нејзината поента со модните комбинации и она што го прави е да пренесе една добра порака за убавата жена жена и убавото облекување.
Трајковска, досега вели не се сретнала со негативни коментари. Уште како тинејџерка била храбра и ескпериментирала со стилот дури да го пронајде, а тоа било само еден патоказ во градењето на нејзиниот стил и индивидуа.
„Тоа што го носиме ммногу зборува за нас како личности, какви сме и кои сме. Мене облеката ме отсликува со соодветно со мојот карактер, самодоверба, истрајна, решителна, принципиелна, лојална, на се она што правам. Начинот на кој се облекуваме има влијание на тоа како размислуваме, како се чуствуваме, реагираме, и на тоа како другите гледаат на нас“, кажа таа.
Јасминка нејзината ќерка пак ја воспитува да биде добар човек, да помага, да дели и да биде емпатична.
„Најважно од се да биде човек, во кој ги има сите параметри за една личност. Се надевам дека успеваме со сопругот во таа наша намера. Најважно е да се изгради во една добра личност со свој став и да биде независна . Ја има мојата поддршка и нека продолжи да биде таква каква што е, своја“ – вели Јасминка која за крај праќа порака до сите мајки посебно на тинејџерки.
„Нема облека која сакате да ја носите која ве прави среќни, а да не ја носите. Животот е еден и заслужува секој да го носи она што го исполнува, а од тоа зависи и нашата среќа и воопшто нашиот живот. Дотерај се за да бидеш задоволна од себе. Слушнете ја вашата внатрешна муза и ризикувајте. Носете нешто што вели: „Јас сум тука денеска!“ но тоа да биде урбано и вкусно без да се помине граница на неморално.
Ирена. С.