Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, предупредува дека новите правила за влез во земјите од Шенген зоната за професионалните возачи претставуваат сериозна закана за македонската, но и за регионалната економија.
Во интервју за Радио Лидер, Николоски изјави дека Владата повеќе од една година алармира за проблемите со транспортерите и воведувањето на електронската евиденција во ЕУ, но без конкретен одговор од европските институции.
„Се работи за огромен економски проблем кој може целосно да ја колабира македонската и регионалната економија. Иако имав жестока размена на аргументи со надлежните институции во ЕУ, директно во Брисел, за жал не наидов на разбирање“, изјави Николоски.
Тој нагласи дека последиците од новите правила нема да ги почувствува само транспортниот сектор, туку и сите извозно ориентирани компании во регионот.
🚧 Протести на граничните премини
Од понеделник, како што е најавено, ќе започнат седумдневни протести и блокади на граничните премини кон земјите од Шенген зоната. Во протестите ќе учествуваат превозници од Македонија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
„Нашите економии се мали и доминантно ориентирани кон извоз. Ако компаниите не можат да извезуваат, запира целата економска активност. Ако трошоците за превоз се зголемат за 3 до 5 проценти, домашните производи стануваат неконкурентни на европскиот пазар“, предупреди Николоски.
Тој посочи дека посебно погодени ќе бидат компаниите од Технолошко-индустриските развојни зони, кои носат најмногу вработувања и девизен прилив во државата.
ЕУ без слух за проблемот
И покрај континуираните разговори со претставници на Европската унија, засега нема најави за одложување или корекција на новите правила.
„Овие радикални мерки и протести се единствениот начин да се привлече внимание. Владата има целосно разбирање за транспортерите и смета дека проблемот мора да се реши – или со одложување на електронскиот систем, или со воведување посебен режим на работни визи“, рече Николоски.
Според него, ЕУ не ја согледува сериозноста на последиците за земјите од Западен Балкан.
„Станува збор за класична бирократија, игнорирање и недоволна посветеност на реален проблем“, додаде тој.
💸 Ризик од заминување на компании
Николоски предупреди дека зголемувањето на трошоците за транспорт може да доведе до заминување на компании од Македонија.
„Ако македонска компанија што извезува во Германија мора да ангажира германски превозник, трошокот се зголемува за 3 до 5 проценти. Тоа ги прави производите неконкурентни. Една компанија со која разговарав најавува загуби од 1,5 милиони евра неделно“, истакна тој.
Дополнително, новите услови ќе го намалат за околу 50 проценти времето кое возачите ќе можат да го поминуваат во ЕУ, што, како што рече, целосно го прави транспортниот бизнис неисплатлив.