Во својата нова книга „Магичниот круг на детството“, македонската авторка – Татјана Гогоска, повторно се навраќа на темите кои го одбележуваат растењето, креативноста и детската чувствителност.
Во разговорот што следува, таа открива како настанувала оваа мултимедијална книга, кои уметнички дисциплини ги обединува и каква порака им пренесува на младите читатели.
Дополнително, говориме и за разликата меѓу уметничката и стручната литература, како и за предизвиците со кои се соочуваат македонските автори.
1. Вашата нова книга – која тема ја обработува и каква порака сакате да им пренесе на читателите?
-Минатиот месец излезе мојата нова книга. Тоа е осма издадена книга, каде се потпишувам како автор, а шеста наменета за деца. Творештвото за деца во сите сфери на литературата, тв авторството и драмскиот исказ, ми е сепак поголем предизвик.
Книгата се вика „Магичниот круг на детството“, пишувана е многу долго и на специфичен начин. Тоа е илустрирана, мултимедијална книга, која, децата може да ја персонализираат и да биде сведоштво на нивното детство засекогаш.
Прекрасните илустрации ги направа Елена Максимовска. Книгата содржи два раскази, кои се најнапред напишани како драмски текстови а тоа се „Најденко во магичниот круг“ и „Силјановиот магичен сон“.
Во неа има и „Магична боенка“, која децата можат сами да си ги создадат ликовите и Магична музичка тетратка, каде може да создаваат своја музика на дадените стихови кои се дел од содржините. Интересен спој. Многуслоен и многузначен. Во неа има литература, драма, ликовна, музичка уметност но и многу креативност.
Двете приказни се многу временски и социјално различни, но исти по еднаквоста во растењето на децата, кога тие сметаат дека не се доволно разбрани од блиските и се чувствуваат осамени. Пораката ја ставивме на задната корица на книгата, тоа е една стара македонска поговорка која гласи „Добрината и љубовта се посјајни од сонцето“.
2. Како авторка што пишува и стручна литература и белетристика, кои се, според вас, главните предности и недостатоци на двете книжевни категории?
-Кратко би одговорила вака: За уметничка литература мора да имаш дарба, креативност и многу чувства, кои ќе ги преточиш во книжевно дело. За стручна литература, треба да имаш многу знаења и многу работа зад себе, за да напишеш нешто што би било професионална надградба на многумина.
Кога пишуваш уметничка литература си послободен во изборот на зборовите и формата на пишување. Кога пишуваш стручна литература, мора се да биде напишано како што е. Без додавки, одземања и импровизации, затоа што тоа е нешто што се базира на факти.
3. Колку вашето знаење од областа на комуникологијата влијаеше врз вашиот пристап кон пишувањето? Дали верувате дека книжевното творештво е повеќе прашање на вештина и знаење или на интуиција и талент?
-Во моето литературно пишување, најголемо влијание има телевизиското авторство. Јас од новинар, најнапред станав телевизиски автор, па потоа литературен, па драмски. И оној телевизиски стил кој е специфичен, кратко, јасно,сликовито и едноставно, се препознава секаде.
Јас, деновиве ја завршувам мојата 10-та книга, која е втор роман за возрасни, првиот го издадов 2011 година, се обидувам да го нивелирам тој белег, но кога препрочитувам, тој мој стил е препознатлив .
Тоа е дел од мене. За да си добар книжевен автор, треба да имаш и знаења, но најважен е талентот а интуицијата секако е важна за да ти покаже, што и како ќе го доближиш напишаното на публиката, што треба да те чита.
Мене комуникологијата ми помогна во оној најпродуктивен период кога и работев и пишував и точно знаев што им е потребно на децата и што ќе „помине “ кај таа читателска публика.
4. Дали сметате дека македонските автори имаат завидни авторски потенцијали и капацитети, но им недостига посилна поддршка во издаваштвото и подобрување на издавачката дејност?
-Веќе 10-тина години, блокадата што траеше долго време во литературата и издаваштвото се надмина. Се сеќавам 2012 година, во КИЦ правев промоција на тогашната нова книга за деца и трибина, „Како да се отворат можности за зголемување на литературата за деца со нови автори“.
Дотогаш беше многу лошо. 10-тина авторски имиња со децении. Оттогаш нештата почнаа да се движат. Јас не ја сакам поделбата, литература за деца и литература за возрасни, затоа што сметам дека литературата е литература, само наменета за друга возрасна категорија, но тоа кај нас функционира така и барем засега не гледам дека ќе има промени.
На пример, авторите за книги за деца, државата помалку ги вреднува од оние за возрасни. Роман за деца во книжарници е поевтин од роман за возрасни, и да е со иста големина. Тоа не е во ред, според мене.
Издаваштвото е една чудна, специфична област, би рекла. Јасно ми е како работат оние издавачки куќи, што ги наследија од поранешната власт, како работат оние на кои по инерција, им се даваат најголеми државни средства, за повеќе изданија.
Не знам како успеваат да опстанат малите издавачи. Јас (фамилијарно) имаме издавачка куќа од 1995 година, ја почна мајка ми како Книгоиздателство “Ѕвезда“, која во 2010 ја споивме во КАТ Продукција и имаме некои 70-тина наши изданија во овој голем период, но сеуште не знам како би можеле да функционираме како издавачи.
Онаа практика, да издадеш книга на млад, нов автор тој се да си плати, не ми оди во глава никако, и некои други практики што се присутни. Така што навистина не знам како функционираат издавачките куќи воопшто во Македонија.
5. Што е поголем предизвик – пишувањето за деца или за возрасни? Дали навистина секоја тема може да биде приспособена за која било публика, доколку се обработи на соодветен начин?
-Па некако на ова прашање одговорив од еден аспект. За мене, за деца е поголем предизвик, затоа што децата не можеш да ги натераш нешто да читаат, ако не е добро (па ни лектири). Темата може да биде приспособувана зависно од аспектот кој го обработуваш и на што ставаш фокус.
Ако пишуваш фамилијарна драма, ако фокусот е на возрасните членови тоа би бил роман или расказ за возрасни. Но, ако фокусто го ставиш на децата, кучето, училиштето, замките на детството, а родителите се во позадина може да биде роман за деца.
ПОВЕЌЕ НА
nextpage
6. Каква е, според вас, функцијата на книгата денес? Дали таа е само забава и активност за слободното време или има и подлабока, општествена и воспитно-образовна улога?
-Книгите и читањето кај нас се се уште „помодарство“. Има редовна читателска публика, но има и онаа која е бројна а која чита, за да се каже дека чита. Книгата секако има голема улога во развојот и едукацијата на сите, и деца и возрасни. Од секоја книга можете нешто да осознаете, научите, потврдите или од нешто да се ослободите од некоја тешка емоција или може да најдете решение за некој ваш предизвик што ве мачи. Секоја книга содржи нешто, некоја порака.
Прочитав деновиве еден разговор меѓу дете и библиотекар. Детето го прашува зошто да чита, кога на многу книги не им ги помни насловите. Библиотекарот му одговара: „А дали кога ќе се сетиш на нешто, што си прочитал се јавува нешто во тебе“? Напластените доживувања сознанија и емоции, ве прават покомплетна личност. Не мора човек на се да се сеќава. Самиот ум и душа, ги селектира нештата кои му се потребни.
И дефинитивно, нема лош возрасен човек, кој од дете читал и се уште чита-според мене.
8. Дали имате ритуали или навики кога пишувате – одредено време во денот, место или атмосфера без која не може да започнете со работа?
-Јас пишувам споро, не сум автор писател кој е нон стоп активен. Јас многу размислувам за тоа што го пишувам, создавам слики, емоции, дијалози и може да се случи со месеци, да не напишам ништо а после, обично навечер кога сум сама, да седнам и сето тоа созреано во мене, да го напишам.
Јас многу го препрочитувам напишаното, се додека не ми здодее. Кога ќе ми здодее, тоа е знак дека – тоа е тоа. Нема веќе што друго да се прави.
9. Кој момент од вашата досегашна писателска кариера го сметате за најемотивен или најзначаен?
-Се сеќавам првата книга, збирка раскази за деца „Насмеани очи“, кога ја зедов од печатница, таа возбуда не се заборава. И моментите, кога секоја книга ќе сум ја зела од печатница, мирисот на свежо отпечатена книга, кога ја држам во рака, се многу емотивни.
Деновиве го завршив мојот врот роман за возрасни, веќе погоре спомнав и кога ја пишував последната страница, во миг ми надојдоа прашања и емоции. Книгата ја почнав една ноемвриска дождлива вечер 2022 година, ја завршив пред неколку дена, една претопла августовска вечер.
Романот е со наслов „Најдолгата дестинација “ и во миг ми пројде мисла: Првиот роман е со наслов „Патување кон зајдисонцето “, си мислам , сега повторно наслов со патување. Зошто? Размислував деновиве. За мене, дефинитивно животот е едно патување, кое некогаш е по убави коловози, некогаш по автопати, многу често по тесни патчиња, калливи сокачиња па дури и непроодни патеки со трње.
Јас сум имала изобилство од сето тоа, во досегашниов живот. И сфатив дека насловите се моја емоција и мисла. Тоа сум јас.
10. Што би им порачале на младите автори кои штотуку започнуваат да пишуваат и сонуваат за својата прва книга?
-Би им порачала да пишуваат и колку да е тежок патот, да го остварат она што го сакаат. И да им е непознатица и да е несигурост, да го направат барем еднаш. А потоа, Божјите патишта, никој не ги знае. Нека им е со среќа на сите.
Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ