АРСОВСКА И ЈСП СЕ ЗАКАНУВААТ СО КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА ОРГАНИЗАТОРИТЕ НА ШТРАЈКОТ НА ВОЗАЧИТЕ

news
Advertisement

Штрајкувачите од ЈСП треба кривично да одговараат, велат и од Кабинетот на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и од раководството на јавното претпријатие.

Advertisement

Од Кабинетот на Арсовска испратија соопштение во кое апелираат до „оние кои ги инструираа дел од т.н. синдикалци да обезбедат правна помош за истите, бидејќи спротивно на Законот за јавни претпријатија и работнички права денес ја попречија работата на ЈСП без притоа да пријават штрајк и да формираат штрајкувачки одбор со што согласно чл. 35 од горенаведениот закон се и кривично одговорни“.

Кривични пријави за организаторите на штрајкот најавија и од раководството на ЈСП Скопје. Тие велат дека „од утринава, дваесетина луѓе од ССМ и т.н. независен синдикат на ЈСП ги спречуваат возачите на автобуси редовно да си ги вршат своите работни задачи, спротивно на член 35 од Законот за Јавните претпријатија со кои се уредува начинот на штрајк“.

Во соопштението од претпријатието се тврди дека „овие дваесетина лица немаат штрајкувачки одбор, ниту пак имаат пријавено редовен штрајк. Дури и во случај да го имаа редовно пријавено штрајкот, истите согласно Законот за јавни претпријатија мораат да обезбедат редовно функционирање на претпријатието додека трае штрајкот“.

Од утрово, во Скопје нема јавен превоз. Автобусите на ЈСП Скопје ги нема на улиците бидејќи вработените немаат земено плата за септември, а раководството на претпријатието и на Град Скопје не најде решение.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.