БЕСА, АЛТЕРНАТИВА И АЛИЈАНСА ФОРМИРААТ ТРОЕН ПАКТ? Целта им е да ја симнат ДУИ од тронот

news
Advertisement

Ќе успеат ли да се обединат политичките партии Беса, Алтернатива и Алијанса за Албанците, со цел заеднички да ја симнат ДУИ од тронот?

Advertisement

Дека сериозно се подготвува вакво нешто говорат гласините кои во последно време се шират во политичките кругови, а и некои медиуми веќе објавија дека трите партии за брзо време ќе започнат да го пишуваат сценариото за филмот со работен наслов „Падот на вечната власт“. Филм кој, очигледно, нема воопшто да му се допадне на Али Ахмети.

Официјално, ниту една политичка партија не открива ништо. Став побаравме од Африм Гаши, лидерот на Алтернатива, партија која во моментов е дел од владејачкото мнозинство, а за која се зборува дека наскоро би можела да му се приклучи на „тројниот пакт“. Но, тој не беше баш најрасположен за разговор.

Идејата за обединување е реална, искрена и за почит, но реалноста е друга. Во догледна иднина нема да може да се состави влада без ДУИ. Сѐ уште нема сила којашто ќе го порази ДУИ во скора иднина

Димитар Христов
Политиколог
– Немам време, чао – ни одговори Гаши, не дозволувајќи ни да му го поставиме прашањето до крај.

Со официјален одговор не нѐ удостоија ниту од Беса, ниту од Алијанса за Албанците, но, затоа, пак, неофицијално дознаваме дека трите политички партии, доколку се договорат меѓусебно, планираат на следните парламентарни избори да настапат со заеднички пратенички листи, како и да ја искористат политичката моќ на Беса во Тетово, како и силата на Алијанса за Албанците во Гостивар.

Политикологот Димитар Христов во разговор за Плусинфо вели дека демократски здраво е да се види како ДУИ би се однесувала како опозиција.

Можеби ќе ве интересира
ВЛАСТА БАРА ОПОЗИЦИОНЕРИ СО НИСКА ТОЧКА НА ТОПЕЊЕ…

Плусинфо 01/09/2022
Македонија ќе ја нема на мапата?!

Мерсел Биљали 01/09/2022
– Прилично добро ми звучи идејата на албанските политички партии да се обединат и во коалиција да настапат на следните парламентарни избори. Треба да видиме како ќе се однесува ДУИ во опозиција. Би било интересно да се видат пратениците од ДУИ како стојат на собраниската говорница и ја критикуваат власта. Но, според резултатите од претходните локални избори, една моја анализа покажа дека партијата на Али Ахмети повторно би била апсолутен победник. Од друга страна, пак, според резултатите на вонредните избори за советници во Општина Тетово, одржани на 20 август, каде што најголем број советници освои Беса, можеме да го видиме и ослабувањето на ДУИ. Сепак, овие резултати не смеат во никој случај да нѐ заслепат, оти ако ја погледнеме излезноста од 35,31 проценти, таа е прениска и не е никаков фактор за некакво дестабилизирање на партијата на Ахмети – објаснува Христов.

Тој потсетува дека сличен ваков обид за обединување на албанскиот блок имаше и за време на парламентарните избори во 2016 година, кога ДУИ го прокнижи својот најслаб резултат во историјата, со освоени само 10 пратенички места.

– Тогаш сите бевме сигурни дека тоа е „почетокот на крајот” на ДУИ. Но, тогаш се случи огромен пресврт, кога сите мислевме дека ДУИ е ослабната партија, интегративците се вратија посилни и веднаш на следните парламентарни избори во 2020 година освоија солидни 15 пратеници. Сега сме повторно сведоци на ваков обид за обединување против ДУИ. Сепак, реалноста е сосема друга. Целата администрација, партиските вработувања, договорите на дело во општините и во министерствата, сето тоа е под закрила на ДУИ и нивните членови за коишто сме свесни дека се огромна машинерија кога е во прашање гласањето на избори. Поради овој факт и целата нивна мобилизација за време на избори, не ни дава ни најмала трошка надеж дека ДУИ наскоро би можела да биде опозициска партија. Повторно ќе кажам, од идеја до реализација има доста трнлив пат по кој треба да се чекори. Идејата за обединување е реална, искрена и за почит, но реалноста е друга. Во догледна иднина нема да може да се состави влада без ДУИ. Сѐ уште нема сила којашто ќе го порази ДУИ во скора иднина – објаснува Христов.

Не верувам дека во моментов би можело да се формира една таква коалиција, особено не помеѓу Алтернатива и Беса, кои произлегоа од една иста партија и кои имаат прилично многу разлики за надминување

Мерсел Биљали
Политички аналитичар
Политичкиот аналитичар Мерсел Биљали воопшто не верува дека воопшто би можело да се формира коалиција помеѓу Беса, Алтернатива и Алијанса за Албанците.

– Јас лично не поседувам никаква информација дека во моментов се крчка обединување на Беса, Алтернатива и Алијанса за Албанците, а со цел симнување на ДУИ од власт. Не верувам дека во моментов би можело да се формира една таква коалиција, особено не помеѓу Алтернатива и Беса, кои произлегоа од една иста партија и кои имаат прилично многу разлики за надминување. Очигледно ваквата информација ја пласирал некој којшто силно го посакува обединувањето на албанскиот блок против ДУИ, ама такво нешто во овој момент не е возможно. Сепак, не треба ништо да се исклучува кога станува збор за политиката. Проблемот е во тоа што од другата страна немаме никаква сериозна понуда и сметам дека шансата за обединување е веќе пропуштена – ни изјави Биљали.

Редовните парламентарни избори треба да се одржат во 2024 година.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.