Болничарката од инфективна е во стабилна состојба, зголемен бројот на лица под надзор поради Конго кримска треска

news
Advertisement

Во стабилна состојба е 48 годишната болничарка заболена од конго кримска хеморагична треска. Хоспитализирана е на Инфективна каде што е и вработена и каде на ноќно дежурство дошла во контакт со веќе починатата пациентка од Штипско која болеста ја добила по убод од крлеж.

Advertisement

-Таа е петти ден болна. Самата болест има своја еволуција, првите денови не се лоши, но подоцна може да се влоши состојбата. Затоа добро се следат сите параметри кај пациентката за да може да се интервенира. Сега нема крварења, изјави д-р Добринка Наунова Јовановска од Клиниката за инфективни болести.

Дали болничарката била заштитена и како дошла во контакт со заразена крв и секрет? Дилеми има многу, но како што велат лекарите од Инфективна, на клиниката вработените секогаш ги почитуваат протоколите за заштита и шансите некое медицинско лице да биде инфицирано се многу мали.

–Шансите за зараза се многу мали, но пациентката имаше ненормално големи количини на секрет, крварења итн, тие се заразните содржините кои можеле да бидат пренесени. Болничарката била заштитена додека работела со пациентката, но потоа кога ги симнала ракавиците, маската можно е да прсне нешто во слузницата или очите, вели д-р Наунова Јовановска.

По вториот потврден случај на конго – кримска хеморагична треска расте и бројот на лица кои се под здравствен надзор. 11 лица од кои 10 се од потесното семејство на болничарката и една нејзина колешка следните 14 дена мора постојано да бидат во контакт со епидемиолог, да ја следат здравствената состојба и по можност да седат дома. Веќе завршува и надзорот на 28-те контакти со веќе починатата жена од Штипско.

Здравствениот надзор значи контактите на лицата треба да се во постојан контакт со епидемиолог од Центарот за јавно здравје Скопје. Тоа не е класична изолација, но не треба да имаат контакт со останатите, едноставно да издржат 14 дена и да не се прошири оваа зараза. Се надевам дека ова ќе биде последниот случај, изјави Рената Младеновска, директор на ДСЗИ.

Конго – кримска хеморагична треска е сериозна болест која во над 40 проценти од случаите завршува фатално. Ја пренесува заразен крлеж. Апелот на епидемиолозите е овој период кога овие инсекти се најактивни да се избегнуваат шумски подрачја а оние кои шетаат низ планински предели да носат соодветна облека.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *