Бочварски ќе ја информира Владата за состојбата со проектот за филмски студија што го најави Џон Малкович

news
Advertisement
Во сторијата што „360 степени“ ја работеше на оваа тема, објавивме дека актерите се дел од поголема група и проект кој сака да добие статус на стратегиска инвестиција во земјава, а барањето подолг период чека на одлука од Владата
Според министерот, сите документи ќе бидат претставени пред владината Комисија за економски систем, а потоа се очекува Владата да заземе став за проектот. Прашан кога би можело да се очекува да се реализира овој проект, министерот за транспорт и врски вели дека не сака да прејудицира и оти прво треба да се добие јасна слика за тоа каква е состојбата на терен
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денеска изјави дека министерството со кое раководи ги разгледало документите за проектот за изградба на филмски студија во Општина Карпош, кој во август годинава преку видеообраќање го најави светската филмска ѕвезда, Џон Малкович, и дека во текот на денешниот ден или утре ќе ја информира Владата за, како што рече, утврдената состојба.

Бочварски, кој денеска беше во Пробиштип по повод распределбата на социјални станови во градот, одговарајќи на новинарски прашања рече дека ќе има координација и со Општината за да се добие јасна слика за состојбата на терен околу евентуалните кориснички и сопственички права.

Advertisement

Според министерот, сите документи ќе бидат претставени пред владината Комисија за економски систем, а потоа се очекува Владата да заземе став за проектот.

„До Комисијата во Владата беше доставено барање за проект од страна на неколку компании, кое е препратено до Министерството за транспорт и врски. Кај нас се формираше оперативна група и комисија којашто одржа прелиминарен прв состанок на кој што ги разгледа првично документите. Оперативната група веќе во текот на денов или утре ќе ја информира Владата за тоа каква е документацијата, што е она што е потребно дополнително да се појасни во однос на овој проект и да се дискутира. Веројатно ќе треба да има дополнителни координации со Општина Карпош заради тоа што земјиштето е на таа територија. Од тој аспект ќе треба Општина Карпош да има дополнително уште еден состанок со институциите, како Агенцијата за катастар на недвижности и сите оние прашања кои ќе се јават со цел навреме и брзо да ја информираме Владата за идните чекори и постапки“,

изјави Бочварски.

Прашан кога би можело да се очекува да се реализира овој проект, министерот за транспорт и врски вели дека не сака да прејудицира и оти прво треба да „имаме јасна слика за тоа каква е состојбата на терен  сликата на терен“.

Тој потенцира дека има одредени микролокации што инвеститорите ги даваат во својот проект, но на таа микролокација е изработен и е во сила детален урбанистички план.

„Поради тоа, мораме со Општина Карпош да ја разгледаме целата оваа постапка, да не има некое приватно земјиште. Корисничките права се исклучително важни во секој, па и во овој проект. Потоа на седница на Комисијата во Владата што ја води потпретседателот Битиќи ќе се разговара со сите аргументи. Сметам дека потоа Владата ќе заземе став, наше е да ги разгледаме сите документи и да ја информираме“,

рече Бочварски.

На почетокот на август, оваа година светски познатата филмска ѕвезда Џон Малкович ја изненади македонската јавност кога најави изградба на филмски студија со холивудски стандарди во Скопје.

Како што рече во своето видеообраќање, „решивме проектот да го наречеме „Стоунбриџ Студиос“ во чест на богатата култура и неверојатната историја на народот на Македонија“.

Тој како соинвеститори спомна и други актери. Едниот од нив, Мет Дилон, повторно го актуелизираше проектот на почетокот на септември.

 

Во сторијата што „360 степени“ ја работеше на оваа тема, објавивме дека актерите се дел од поголема група и проект кој сака да добие статус на стратегиска инвестиција во земјава, а барањето подолг период чека на одлука од Владата.

Просторот на кој фрлиле око инвеститорите, меѓу нив и двајцата актери е неизграденото земјиште во касарната Илинден кое е релативно блиску до центарот на Скопје.

Формално, групата инвеститори се обединети во субјектот „СТП капитал партнерс“. Тие велат дека нивниот примарен проект на Качанички пат е наречен „Скопје технолоџи парк“. Според нивниот бизнис предлог, 44 отсто од просторот ќе биде изграден со деловни објекти, 29 отсто со хотели, а 27 отсто со станбени згради. Во деловните објекти, инвеститорите планираат изградба на центри за „сајбер безбедност”, бизнис-инкубатори за ај-ти компании, но и ај-ти академии за студенти. Нема место за филмските студија што ги промовираа Малкович и Дилон. Тие се спореден проект, кој би се градел во слободната економска зона „ТИРЗ 3“, на земјиште од 10 хектари, во близина на скопскиот аеродром.

Еден од главните протагонисти во проектот е Србинот Иван Видаковиќ. Вели дека почнале пред две години, дека инвестицијата ќе тежи 200 до 250 милиони евра и дека контактите со македонската влада се од времето на премиерот Зоран Заев.

 

Локален бизнис партнер е Неби Хоџа, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија, но тој привремено е надвор од земајва. Причината што проектот постои само на хартија, според инвеститорите, е тоа што Владата одолговлекува со одлуката по нивното барање за доделување на статус за стратешки инвеститор. Пари за инвестициите, вели Видаковиќ, има – иако не кажува во детали и од каде.

Со оглед на фактот што повеќе од половината на технолошкиот парк би биле хотели и станови, го прашавме Видаковиќ – дали е можно нивната инвестиција, спакувана под атрактивно име, да се сведе на станбено-угостителски проект, што е честа приказна во земјава, тој ни изјави дека „оваа група на луѓе е група која не прави „мајмунски работи”.

„Тие се занимаваат со бизнис. Се согласувам дека има опортунисти и измамници, но, ве молам, видете ги биографиите на овие луѓе и кажете ми дали ќе дојдат во Македонија сега по сета стекната слава што ја имаат за да прават валкани бизниси. Не, тоа не е начинот на кој ние правиме бизнис“,

вели Видаковиќ.

Земјиштето крај Качанички пат во најголем дел е државно. Бидејќи е на атрактивна локација, негова евентуално продажба би донела неколку милиони евра во државната каса. Но, ако земјиштето се даде на стратешки инвеститор, нема да има пари од продажба.

Според Законот за стратешки инвестиции, статус на стратешки инвеститор се доделува на инвестиции што можат да придонесат за економски пораст, да поттикнат вработување и примена на нови технологии. Но, пред се, реализацијата да биде од јавен интерес.

 

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.