Кога еден народ би ги заборавил традицијата и обичаите, ќе го изгуби заедништвото и идентитетот. Музиката е еден од начините да се сочува и негува традицијата и многу е битна, бидејќи може директно да влијае на оној кој ја слуша. На, тој начин нејзините зборови и мелодии лесно се пренесуваат од колено на колено.
Тоа го потврди етно-составот „Синтезис“ на синоќешниот концерт, со кој одбележа 30 години постоење на сцената.
Според реакцијата на публиката на песните, особено на најпрепознатливите („Во наше село“, „Ме фатије“…), покажа дека мелодиите и текстовите се толку вистински, што тој сензибилитет останува врежан не само три децении, туку за целиот живот. Нивната музика е искрена, храбра, со квалитетот им одолева на времето и трендот, отпорна на ефтини спорни влијанија.
Членовите на бендот, врвни музичари и инструменталисти, задолжени за обработка на старите, традиционални песни и создавањето на нови во изминативе години: Радослав Шутевски-Шуте, Гоце Димовски, Ване Јовчев, Марјан Јовановски и Гоце Узунски, беа на ниво на својата задача. А како „шлаг“ секако дека беа трите грации: Анета Шуланковска, Билјана Ристовска и Сузана Јовчева. Со нивните песни нѐ потсетија на музиката од различни краеви на Македонија. И во оваа пригода беа впечатливи со нивните костими,за кои традиционално се погрижи Александар Ношпал.
Го нема Тоше веќе 17 години да ја отпеат „Ој девојче“. Но, го имаше Наум, со кој маестрално ја изведоа песната. На сцената се појавија Влатко Стефановски, со кој често соработуваат и Борис Трајанов, кој ја отпеа авторската песна „Божја невеста“. Кога публиката составена од различни генерации ги врати на бис, со нив беше и поранешната вокалистка Мирјана Јошевска-Мими, која достојно ја замени Сузана.
Публиката по одржувањето на концертот кој го организираше „Баги комуникации“, можеше да ги види уникатните костими со кои „Синтезис“ настапувале низ светот, а беа изложени во лобито на Филхармонијата – местото каде што се одржа настанот.
„Синтезис“ за овие триесет години одржаа над 500 концерти низ светот во некои од најпрестижните концертни сали и фестивали, презентирајќи ја македонската музичка култура и традиција. Докажаа дека нашата, нивната традиционална музика, колку е едноставна толку е и комплицирана. Особено за публика која првпат ја слуша, поради емотивниот набој која го носи со себе. Можеби не разбираат ниту еден збор, но секогаш чувствуваат нешто во градите, некоја меланхолија и тага. „Синтезис“ со гостувањето во многу земји на неколку континенти токму на таа публика ѝ го овозможи тоа чувство. Истовремено ја научи и што се кавал и гајда, им ги претстави македонските народни инструменти, им ја поттикна желбата да ги преведуваат песните, а со тоа и да ја изучуваат нашата историја. Затоа се и нашите најголеми музички амбасадори.
С.А.Н