(ВИДЕО) Обичен службеник е единствениот кривец за увозот на никотински кесички!?

news
Advertisement

Според Државниот инспекторат за земјоделство, причината што во земјава до април 2023 година се увезувале никотинските кесички, познати во јавноста како снус, е одлука на административен службеник (или службеници). Проблемот е што кесичките биле дозволени за увоз како тутунски производ, иако тие во себе не содржат тутун
А иако производот веќе шест месеци е забранет за увоз, тој и натаму може да се најде по продавниците. Од Државниот пазарен инспекторат велат дека од нив никој не побарал да го отстранат од полиците.

Advertisement

Во изминативе недели бевме во тајна мисија да провериме – дали е точно дека низ земјава слободно им се продаваат никотински кесички на деца, иако производот е забранет за малолетници.

Со помош на 14-годишен ученик кој учествуваше во мисијата со знаење на родителите покажавме дека многу трафики и куќани им ги продаваат никотински кесички на малолетници.

Но, попатно, дојдовме до друго сознание – дека увозот на никотинските кесички во земјава бил дозволен до април оваа година за наеднаш да биде запрен. Зошто се случил пресвртот, но и зошто никотинските кесички сè уште ги има по продавниците?

Никотинските кесички без регулирана продажба во Македонија
Повеќе од две децении Северна Македонија формално посакува да биде дел од Европска Унија. Додека чекаме, еден дел од Европа ни дојде дома. Еден, навистина мал, но во исто време и проблематичен дел.

Се викаат никотински кесички. Бидејќи не содржат тутун, не подлежат на строга контрола ниту според европските директиви, ниту според домашните закони. Но, од друга страна, содржат никотин, па се потенцијално опасни за здравјето што имплицира дека не би требало да се во продажба без одредени ограничувања.

Не успеавме да дојдеме до податок кога првпат се увезени никотинските кесички во земјава. Но, како што веќе објавивме, тие биле увезувани како тутунски производ, иако во себе не содржат тутун.

Виновникот се бара меѓу административните службеници
Бизнисот си течел нормално се додека државата не го забранила увозот на производот во април 2023 година. Звучи неверојатно, но надлежните тврдат – зелено светло за увоз на кесичките како тутунски.

„Во Државниот инспекторат за земјоделство е започната интерна постапка за утврдување одговорност во врска со одобрување на пратка од никотински кесички од страна на оператори кои работат на EXIM-системот и надлежен инспектор за земјоделство. Согласно Законот …, административниот службеник е лично одговорен за вршењето на работите и работните задачи од работното место. За повреда на службената должност административниот службеник одговара дисциплински“,велат од Државен инспекторат за земјоделство.

Ова значи дека ако има вина што никотинските кесички се нашле на полиците, таа ќе падне на грбот на пониските структури во администрацијата. Но, тоа не одговара на прашањето – како и половина година по забраната за увоз, овој производ го има по продавници.

Од Државниот инспекторат за земјоделство велат дека не е нивна работа да вршат надзор над прометот. Па, се обративме до Државниот пазарен инспекторат. Оттаму велат дека до нив не стигнал официјален допис кој содржи било кајкви информации за никотинските кесички, ниту пак информација врз основа на која треба да постапуваат. Сепак…

„Врз основа на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи, Државниот пазарен инспектор, доколку утврди неправилност во согласност со своите надлежности, ќе донесе решение со кое ќе забрани пуштање во промет на производи од тутун и сродни производи и привремено да ги одземе доколку производителот, односно увозникот, не се запишани во Регистарот на марки на производи од тутун и сродни производи“,велат од Државен пазарен инспекторат.

Од Министерството за економија веќе нè известија дека „следејќи го опфатот на содржината на тутунски и сродни производи, Министерството досега нема издадено решение за марка на производот СНУСС (кесичка со никотин за џвакање)“.

Анкета пред средно училиште потврдува дека никотинските кесички се широко распространети кај младите.

Додека институциите велат дека постапуваат според надлежностите, на терен никотинските кесички лесно го наоѓаат патот и до малолетници. Особено оние во шарени пакувања и со егзотични вкусови. Пред едно средно училиште во Скопје на оваа тема разговаравме со група средношколци. Отворено им се претставивме кои сме и што не интересира, но не ги снимавме во лице за да го заштитиме нивниот идентитет. Средношколците потврдија дека голем дел од нив го користат овој производ, дека е лесно достапен, дека при купување во трафиките не им бараат лична карта, но и дека се свесни за последиците од злоупотребата.

Повеќе од анкетата погледнете во водеото.

И посакуваните и непосакуваните симптоми од консумирање на кесичките се очекувани. Иако со екстремно ситни букви, на пакувањето на некои марки има предупредување како да е лек во прашање.

„Не се препорачува на лица непушачи. Производот не се препорачува за мајки кои дојат и трудници, како и за луѓе со хронични заболувања (диабет, срцеви и заболувања на крвните садови, потешкотии при дишење)“,стои на декларацијата на едно од пакувањата.

А една од причините што има вакво предупредување се високите концентрации на никотин. За споредба, во една цигара е дозволено да има најмногу еден милиграм никотин, според Законот за тутун. Производите што ние ги купивме од домашните трафики и продавници, имаат и до 13 пати повеќе никотин по кесичка од максимално дозволеното за една цигара. Производот со најмалку никотин имаше 8,4 мг по кесичка, друг 11,2 мг, трет 12 мг во една кесичка и најсилниот – 13,2 мг по кесичка.

Ги побаравме и увозниците на овие производи. Сите не одбија за интервју, иако еден прифати да се сретне и да разговара со нас. На состанокот, компанијата увозник не убедуваше дека никотинот во кесичките се апсорбира во телото поинаку од оној во цигарите, дека производот слободно се продава низ поголем дел од државите во Европа, а дека Северна Македонија веќе половина година не носи одлука – по кој закон и пропис ќе дозволи увоз.

Институциите чекаат европска директива
Во Министерството за земјоделство велат дека се чека на нова европска директива која ќе ги опфати и новите, т.н. бестутунски никотински производи.

„Ние и минатата недела на билатералниот скрининг во Брисел направивме дополнителни консултации со соодветните служби од оттаму каде што ни беше одговорено дека дефинитивно оваа директива не ги опфаќа никотинските вреќички, не се регулирани со генерална регулатива со земјите-членки на ЕУ така што ние ќе ја следиме насоката на ЕУ. Кога ЕУ ќе ги регулира со директива 40 или било која друга директива тогаш и ние ќе ги регулираме“,вели Васе Бошкова – раководител на Сектор за земјоделство при МЗШВ.

Но, што додека ЕУ да донесе регулатива?

„Имавме ние пред околу еден месец координација во Царинската управа каде сето ова се анализираше и се дискутираше. Оттаму излеговме дека треба да се информира Владата за тоа. Произлезе дека Царинската управа презема обврска да ја информира Владата за состојбите со овие производи на пазарот и како би се решавале. Врз основа на таа информација и заклучоците што ќе ги донесе Владата и насоките што ќе ни ги даде – така ќе работиме и министерствата“,додава Бошкова.

А како земјите од ЕУ го решиле прашањето за никотинските кесички без да имаат директива? Достапните анализи покажуваат дека во Холандија и во Белгија се забранети заедно со другите бестутунски никотински производи, со цел да се спречат несаканите последици и создавање зависност, особено кај малолетници. Во Германија бестутунските производи се третираат како храна, но бидејќи содржат недозволена хранлива состојка – никотин, не се дозволени за продажба. Во остатокот на ЕУ генерално тие се дозволени за продажба, иако некаде има ограничувања за количината на никотин. Веројатно така и ќе остане, се додека ЕУ не дефинира нови правила, за новиот феномен или проблем.

Извор: https://360stepeni.mk/video-obichen-sluzhbenik-e-edinstveniot-krivets-za-uvozot-na-nikotinski-kesichki/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.