Власта повикува на сојуз за ЕУ, влезот на АА во Владата зависи од политичкиот договор

news
Advertisement

Постојат шанси за влез на Алијансата за Албанците во Владата, но тоа ќе зависи и од политичкиот договор, изјави премиерот Димитар Ковачевски. И тој, како и лидерот на ДУИ Али Ахмети повика на сојуз за ЕУ. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која вели дека не отстапува од стратешките цели за влез во ЕУ, не сака да биде дел од ваквиот владин концепт. Алијанса за Албанците има изразено политичка волја која што е „за“ европски концепт на државата. Дали ќе влезе во Владата? Да, постојат шанси за тоа. Исто како што кажаа и другите политички лидери. А дали ќе се случи тоа? Зависи од политички договор. Политичкиот договор секогаш има два аспекти – едниот е програмски и другиот е кадровски. Додека не се случи такво нешто, не можеме со сигурност да кажеме дека ќе има уште еден владин партнер, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.

Advertisement

Премиерот потенцира дека е отворена можноста за сите оние кои што сакаат да се приклучат кон концептот за европска Северна Македонија и сега е времето да го направиме тоа, бидејќи, како што рече, од нас зависи побрзото пристапување на државата во Европската Унија.

– Не е доведено воопшто во прашање владиното мнозинство, бидејќи доколку ги погледнете и јавните изјави на сите политички фактори, пред се тука мислам на пратениците, никој не го доведува во прашање владиното мнозинство, туку се работи за повеќе за внатрепартиска дискусија која се одвива во одредени политички партии, рече Ковачевски.

Околу иницијативата на лидерот на ДУИ Али Ахмети за „Алијанса за Европа“, премиерот Ковачевски рече дека во земјава постојат два концепта. Едниот концепт,е за „Европска Северна Македонија“ – концепт во кој што политичките партии кои што го поддржуваат СДСМ – партнерите од коалицијата, ДУИ, Алтернатива, Алијанса за Албанците и други политички партии кои го поддржуваат концептот на пристапување и зачленување на земјата во Европската Унија и кои го поддржаа зачленувањето во НАТО.

– И од друга страна, има концепт на политички партии, тука пред се мислам на Левица и на нивниот заложник ВМРО-ДПМНЕ, кои што се против членството во НАТО, што го потврдија во свои јавни изјави и против членството во Европската унија, што сметам дека е погрешен концепт, бидејќи не нуди алтернатива. Дури уште полошо, Левица нуди некаква алтернатива на евроазиска унија, која што во ниту еден случај не е во согласност со определбите на граѓаните на нашата држава, изјави премиерот.

Ковачевски истакна дека вратите се отворени за сите политички партии кои што се за концептот за „Европска Северна Македонија“, односно сакаат да бидат дел од „Сојузот за Европа“.

– Само тоа е патот напред за нашата држава, за да обезбедиме економски просперитет, социјална сигурност и врвно владеење на демократијата и да се исполнат очекувањата на граѓаните кои што ги поставиле пред политичарите пред точно 31 година за независна македонска држава која ќе биде членка на НАТО и на Европската унија, додаде Ковачевски.На повикот за единство кон членството во ЕУ на Ковачевски, опозициската ВМРО-ДПМНЕ одговори преку портпаролот на партијата Наум Стоилковски кој рече дека „Ковачевски не е во единство за ЕУ, туку единствено се занимава со криминал и корупција по налог на ДУИ. Стоилковски притоа го повика премиерот да се посвети на граѓаните и европската иднина.

-Димитар Ковачевски не е во единство за ЕУ, Ковачевски единствено се занимава со криминал и корупција по налог на ДУИ. Наместо европска има криминална агенда. Ковачевски е слуга на Ахмети, наместо да слугува на интересите на граѓаните. Го повикуваме да престане со слугување на криминалот и корупцијата. Го повикуваме вистински да се покаже, доколку тоа го сака, наместо посветеност кон криминал и предавства, Ковачевски да се посвети на вистински дела за граѓаните, рече Стоилковски на партиската прес-конфернција.

Евроамбасадорот Дејвид Гир вчера од Охрид изјави дека скринингот напредува добро, но порача дека она што треба да се фокусираме сега се реформите и нивната имплементација.

– Прво во однос на скринингот точно е дека напредува добро, а претставниците на властите односно стручните лица се добро подготвени и е процес што добро се одвива и продолжува понатаму тоа се добрите вести. Меѓутоа секако скринингот не е единствената работа, друга многу важна работа е спроведувањето на реформите и тука секако дека играат улога повеќе чинители задолжени за тоа, меѓутоа главната одговорност паѓа врз грбот на Владата, рече Гир.

Во рамките на пристапниот процес има фундаментални темелни прашања кои, како што рече Гир, се постојано отворени од почетокот на преговорите се додека не се завршат. Тие прашања се борбата против корупцијата, зајакнување на владеењето на правото и на администрацијата и почитување на човековите основни права и слободи.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.