ВМРО-ДПМНЕ бара да продолжи седницата за уставни измени

news
Advertisement

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со официјално барање до собранискиот спикер Талат Џафери, побараа продолжението на седницата за уставни измени да биде закажана веднаш. Целта на барањето, појасни пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојановска, е да не се одолговлекува процедурата и да се стави на гласање потребата од носењето уставни измени.

Advertisement

– Македонската јавност е сведок на изживувањето што се врши врз Уставот на Република Македонија и одолговлекувањето на оваа седница нема да донесе ништо добро за државата. Власта, предводена од СДСМ и ДУИ, е свесна дека нема доволен број пратеници за да изгласа потреба за нови уставни измени и свесно го одолговлекува овој процес. Сакаме да им порачаме дека ниту сега, ниту во иднина, нема да има двотретинско мнозинство за уставни измени под бугарски диктат и затоа бараме Талат Џафери да не го злоупотребува Деловникот, да закаже продолжение на седницата и, конечно, да ја завршиме оваа фарса на власта и да пратиме порака дека не може кој како сака и кога сака да ни го менува Уставот – вели Стојаноска.

Собранието во ист ден ја почна и ја заврши расправата за предлогот за пристапување кон измена на Уставот со кој се предвидува вметнување на Бугарите и на уште пет етнички заедници во преамбулата на Уставот. Расправата на 18 август заврши без гласање, со говорот на последниот пријавен за збор, по што претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја прекина седницата и најави дека за продолжувањето пратениците ќе бидат дополнително информирани.

По прекинувањето на седницата, се слушаа негодувања од пратениците од опозицијата, кои при носењето на дневниот ред за седницата, гласаа против.

За усвојување на точката на дневен ред е неопходно да гласаат минимум 80 пратеници. Тоа е првата од вкупно трите фази неопходни за промена на Уставот. При носењето на дневниот ред на седницата, 70 пратеници гласаа „за“, а 47 беа „против“. Расправата согласно со Деловникот на Собранието може да трае 10 работни дена.

Внесувањето на Бугарите во Уставот е услов за земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската Унија за полноправно членство во Унијата.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.