Возможно ли е да коалициираат Ковачевски и Груевски и како ќе одговорат Мицкоски и Заев?

news
Advertisement

Кога своевремено можеа Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски да коалицираат, и заеднички да излезат на избори, тогаш зошто не би можело да се поверува дека и Ковачевски може да коалицира со Груевски, или барем со неговите прокси кандидати во Македонија.

Advertisement

Од новиот раскол во ВМРО-ДПМНЕ сосема извесно е дека ќе се создадат нови коалиции, од една страна предизвикани од личните пресметки, како во владејачката, така и во опозициската партија, а како бонус може да биде евентуален договор за изгласување на уставните измени.

Но, колку и да вакви коалиции во минатото биле вообичаени, треба да се навлезе подлабоко од што всушност се предизвикани. Мицкоски е лидер на ВМРО-ДПМНЕ од 2017 година, односно по оставката на Груевски предизвикана од катастрофалните резултати на локалните избори, кога на пример Шилегов победи во Град Скопје уште во првиот круг.

Мицкоски речиси 6 години е на највисоката позиција во „Белата палата“ и постепено се обидува да се извлече од влијанието на поранешните „алфа и омега“, а тоа се Груевски и Мијалков.

Во една слична атмосфера, по изгласување на Преспанскиот договор и промената на името благодарение на т.н. „Мериот коалиција“, Мицкоски доби простор во два наврати да расчисти со многу поранешни кадри.

Во првиот налет ги отстрани од партијата тие кои се залагаа да не се бојкотира референдумот за името и на него да се гласа против договорот. Во вториот налет го исклучи Мијалков и пратениците кои помогнаа да се дојде до двотретинско мнозинство.

Тиквата меѓу Мицкоски и Груевски силно пукна, но процепите не се тазе и почнаа од пред најмалку две години. Тие беа во своевидна студена војна, што се гледа и по начинот на кој известуваа „провмровските медиуми“ и кој од нив застана на страната на актуелниот, а кој на страната на поранешниот претседател на ВМРО.

Се наѕираат контурите на новите коалиции

Освен внатрешната нетрпеливост во опозициската партија, постои гооолема веројатност за официјална коалиција која ќе му контрира на Мицкоски на следните парламентарни избори.

Да потсетиме дека Данела Арсовска победи со теренско одработување на поранешни блиски соработници на Никола Груевски, секако со поддршка на самата партија, но и на луѓе блиски до Бранко Црвенковски.

Всушност потопот на Заев на локалните избори во 2021 година беше резултат на „старите сдсмовци“ за кои е неприфатливо да се прават било какви понижувачки компромиси со Бугарија.

Да појасниме! СДСМ е партија наследник на антифашистичките борци и на комунистичкото раководство кое се бореше со окупаторите. Скандалозното интервју на Заев за БГНЕС во кое окупацијата ја нарече „бугарска администрација“ никогаш не му ја заборавија разните крила во СДСМ.

И доаѓањето на „Таче“ се смета за одредено компромисно решение помеѓу „заевистите“, „бранковистите“, „шеќеринистите“, „бучковистите“ и итн и итн.

Но, Заев преку обидите да се зближи со Мицкоски, за што наголемо се шпекулираше дека му понудил јасно и недвосмислено заедничка влада со ротирачки премиер, без ДУИ како главни услови, покажува дека „трговецот од Муртино“ не така лесно се повлекол од СДСМ иако јавно досега ниту еднаш не изрази амбиции за политичка реактивација.

Тоа е донекаде и бранкова шема. Политичка пензија, но во одредени клучни моменти стариот ас покажува дека знае да „пецне“. Колку Заев знае, сака и може да го примени овој рецепт, да покаже дека во Бихаќка и натаму може со еден „повик“ да влијае на тековите, тоа е засега нејасно.

И уште нешто, Заев сигурно од душа и срце би сакал да има свој удел во уставните измени за внесување на Бугарите како услов за симнување на новото вето. Заев се профилираше како политичар кој е подготвен да прифати се, и промена на име и институции и бришење на се што е македонско во државен и институционален капацитет со наметнување на „северна“.

Така и во новата рунда на уставни измени може да покаже дека ако барем не е директен учесник во процесот, може да биде „мајстермајнд“ кој ќе стави одредена кочница, повикувајќи се на тврдоглавоста на Мицкоски. За него е идеално Мицкоски да има подобри шанси на следните избори, како порака до поранешните сопартијци, „јас ве донесов на власт, а без мене веднаш завршивте во опозиција“.

Која е улогата на Груевски?

Груевски може да биде адутот на актуелното владино и сдсмовско раководство. Од една страна би му ги нарушил сметките на Мицкоски, со евентуална коалиција меѓу Данела Арсовска која „можеби ќе формира нова партија, можеби не“, со ГРОМ на Стевчо Јакимовски и со Левица, која исто така би добила „буст“ на следните избори.

Оваа коалиција може да биде и неформална, но доволно ефикасна да откине клучни гласови за ВМРО-ДПМНЕ кое засега води на сите анкети и сосема веројатно е да победи на следните избори.

На тој начин СДСМ, и во ваква коматозна состојба, во подредена улога во „владата на Артан Груби“ и со страшно разочарување кај поддржувачите на „Шарената револуција“ и „старата гарда“, повторно ќе биде во позиција да состави влада, најверојатно со поддршка на речиси сите албански партии освен Беса.

Да, да, дури и СДСМ ќе го „обели“ Груевски или барем неговото влијание што ќе биде претставено „во име на поголемата слика“. ЦЦЦЦЦЦ. Ако има нормален сдсмовец за кого ова е прифатливо тогаш таа партија и навистина си ја заслужува својата судбина.

Груевски можеби од сето ова ќе добие амнестија и ќе може да се врати во државата како слободен човек, а дури и да не се врати ќе биде слободен да патува, без страв од меѓународна потерница, апсења, закани за екстрадиција и итн. А, попатно би покажал и дека без него ВМРО-ДПМНЕ не може да успее, дека Мицкоски не е дораснат да ја сруши власта и дека можеби е време „за некое ново дете“.

Уставните измени се претпоставува дека веќе се договорени и дека се чека само на создавање атмосфера преку неколку фази кои ќе следат во наредниот период.

Во меѓувреме само ќе се засили партиската борба, внатрешна и надворешна, за што подобро позиционирање на следните избори и оправдување пред своите гласачи.

Многу тешки кнедли претстојат за проголтување, прашање е само кој има „подлабоко грло“.

Извор: https://faktor.mk/vozmozno-li-e-da-koaliciiraat-kovachevski-i-gruevski-i-kako-kje-odgovorat-mickoski-i-zaev

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.