Вознемирување од српскиот политичар, а не кривично дело за ОЈО е објавувањето на доказите за убиството на Вања и Панче

news
Advertisement

Вознемирување од српскиот политичар, а не кривично дело за ОЈО е објавувањето на доказите за убиството на Вања и Панче
Основното јавно обвинителство Скопје засега нема да поведе никаква постапка во врска со објавувањата на снимките од случајот со убиството на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска од спрскиот политичар Срѓан Него. Од ОЈО за МКД велат дека до овој момент тоа не штети на истрагата за двојното убиство и немаат никаква пријава за можна кривична одговорност за снимките кои се дел од доказите. Но, овие снимки освен што се доказен материјал, се исто така и снимки кои потекнуваат од безбедносни камери и за кои Обвинителството смета дека многу лесно може да завршат во нечии раце или да бидат објавени. Од таму за сега само апелираат до оние кои објавуваат да размислат за етичноста на објавите и за вонемирувањето на семејствата на жртвите.

Advertisement

Адвокатот Владимир Туфегџиќ за медиумите вчера рече дека ќе бара ОЈО да му објасни зошто неговиот клиент Александар, таткото на убиената Вања сѐ уште не е повикан на распит. Туфегџиќ е дециден дека од обвинителот ќе бара и информации како снимките на кои тврди е гласот на Ѓорчевски, стигнале во рацете на контроверзниот српски политичар Срѓан Ного.

Но, од Обвинителството тврдат дека неговиот клиент е повикан и дал исказ, а штом заврши истрагата која е во тек, ќе биде повторно повикан за да му се предочат сите докази. За снимките велат нема постапка бидејќи до овој момент нема доказ дека тие штетат на истрагата и дека се обезбедени со кривично дело.

„Истражната постапка е во тек. Јавниот обвинител ги спроведува истражните дејствија онака како што налагаат доказите и потребите на постапката. Лицето за кое покажувате интерес даде свој исказ уште на почетокот на постапката. За разлика од останатите осомничени, тој ја негираше неговата инволвираност и какви било сознанија за настанот. Што се однесува до објавените снимки, јавното обвинителство веќе апелираше лицата кои објавуваат вакви снимки да размислат за етичноста на објавите и за вознемирувањето што го предизвикуваат кај семејствата на жртвите“, стои во одговорот од Обвинителството до МКД.мк.

Српскиот политичар, Срѓан Ного пред неколку дена објави две фотографии од Цитроенот кој беше користен за грабнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска. На едната фотографија која е од денот на грабнувањето се гледа само возилото, а на другата се гледа и ликот на мажот кој го управува автомобилот, а наликува на убиениот Панче Жежовски.

Продолжен притвор од 30 дена на четврти јануари годинава добија петмината осомничените во случајот со убиството на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски. Велибор Маневски, Влатко Кешишов и Боре Видевски се осомничени за грабнување и помагање на убиство и на Ѓорчевска и на Жежовски. Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е осомничен дека помагал при грабнувањето на неговата ќерка. Тие од почетокот на декември лани се во притвор во Шутка.

Продолжен е и притворот за Стефан Димковски кој е осомничен дека му помогнал на осомничениот за двојното убиство, Љупчо Палевски Палчо да избега во Турција.

Вања беше грабната до влезот на нејзината зграда на 27 ноември минатата година. Истиот ден, според исказите на осомничените е убиена. Два и пол часа по нејзиното грабнување, односно околу десет часот е застрелана. Нејзиното тело беше пронајдено на 3 декември, 2023 година во атарот на селото Бразда и Горно Оризари.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.