Во центарот на Битола објектот Парк „расцвета“ во депонија

news
Advertisement

Неодамна, советниците на новото неформално мнозинство во Советот на Битола, коешто во моментот го сочинуваат СДСМ, „Поинаку“ и Левица со 18 гласови „за“ ја симнаа од Дневниот ред точката за европскиот прекуграничен проект „Smart4you2“, со кој требаше целосно да се реконструира објектот „Парк“ кој се наоѓа во непосредна близина на Офицерскиот дом, или куќата на Европа, како што од пред извесно време го викаат Домот.

Advertisement

Поводот за симнување на точката од дневниот ред беше барањето на советниците да им се објасни поради кои причини локалната самоуправа побара да се пренаменат средствата од европскиот проект „Smart4you2“ за реконструкција на „Парк“ во изградба на велосипедски патеки.

Основата на проектот за реконструкција на „Парк“ со кој Општина Битола аплицираше пред ЕУ беше со неговата реконструкција да се добие комплетна целина кај Офицерскиот дом во Битола и истиот да има пред сè туристичка намена.

Со проектот се предвидуваше еден дел од „Парк“ да биде адаптиран во кафе бар. Вториот дел да биде за продажба на сувенири и ракотворби, а останатиот дел да биде информативен за потребите на туристите.

– Основата на тој објект е туризам. Сега во прашање е доведен целиот проект. Во проектот никаде нема предвидено велосипедски патеки. Побаравме повлекување на точката бидејќи треба да ни се разјасни како локалната власт дојде на идеја да ги пренамени средствата од реконструкција на објектот „Парк“ во изградба на велосипедски патеки, вели советничкта на СДСМ, Мирјана Захариевска-Ралевска.

За ВМРО-ДПМНЕ повлекувањето на точката од дневниот ред претставува непријатна ситуација за Битола бидејќи станува збор за европски проект и истиот се кочи.

– Изненадени сме од барањето на СДСМ за повлекување на точката за кофинансирање на европскиот проект „Smart4you2“ со чија пренамена треба да бидат изградени велосипедски патеки во Општина Битола. За жал, таа точка што беше предложена од СДСМ доби поддршка и од советниците на „Поинаку“ и „Левица“. Ова ќе донесе ново продолжување на проектот и наместо со донесувањето на оваа одлука после објавувањето во Службен гласник да се пристапи кон тендерски постапки, сега ќе треба да чекаме нова седница и нова волја од страна на советничките групи да се донесе одлуката. Јас се надевам дека ќе надвладее разумот, не сакам да верувам дека ќе се стави Општината Битола на црна листа и да не може да аплицира на европски проекти-вели координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Бојкоски.

За симнувањето на точката од дневниот ред за реконструкција на објектот „Парк“ градоначалникот на Битола, Тони Коњановски вели:

– Со потпишувањето на анексот од страна на Делегацијата на Европската Унија, во кој се дозволува пренамена на средствата од проектот „Smart4you2“ за реконструкција на тротоарите на улиците „Васко Карангелевски“ и „Партизанска“, по што соодветно ќе се изведат и велосипедски патеки, Битола ќе добие велосипедски дел во должина од над 5 километри. Реконструкцијата ќе се изведе на веќе постоечките тротоари, во ширина од 3 метри, без да се нарушува зелениот појас на улиците. За овој проект веќе е изработена техничка документација, како и основен сообраќаен проект за воведување на велосипедски патеки во централното градско подрачје во Битола, со сите потребни одобренија. Да појаснам уште еднаш, дека до ова решение се дојде со целосна усогласеност на сите партнери во проектот, како и на Делегацијата на Европската Унија. Првичната намена беше реконструкцијата на објектот „Парк“, но поради инфлацијата и состојбата со Ковид кризата, вредноста за реконструкција двојно се зголеми, што беше пречка за реализација на проектот и во рамките на ЕУ и кај општините партнери во проектот. Затоа се побараа соодветни решенија, кои беа понудени како замена за објектот „Парк“. Од наша страна беа предложени партерното уредување на Офицерскиот дом, кое веќе се реализира со општински средства, како и санацијата на постоечките тротоари на улиците „Васко Карангелевски“ и „Партизанска“, со поставување на велосипедски патеки. Од страна на Делегацијата на ЕУ, беше избран проектот за санација на тротоарите и поставување на велосипедски патеки-посочи градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Инаку, проектот за реконструкција на „Парк“ од проектот „Smart4you2“ е поддржан од програмата за прекугранична соработка на Европската Унија за промоција на културното наследство во Северна Македонија и во Албанија.

И додека советниците на советничките групи се разубедуваат за кој проект да се искористат средствата од овој прекуграничен проект, објектот „Парк“ кој е со децении затворен и оставен на забот на времето е претворен во вистинска руина и депонија.

Тој, иако се наоѓа во строгиот центар на градот, на самиот Широк Скак, моментно е седиште на бездомници, зависници, кучиња скитници, алкохоличари … кои го користат објектот за свои потреби. Од овој објект, кој е под заштита постојано се шири неподнослива миризба и реа.

Инаку, проектот „Smart4you2“ кофинансиран од грантови од Програмата на ЕУ за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија, првично беше потпишан во декември 2021 година, беше предмет на промени, кои беа договорени и финализирани дури во јули 2023 година.

Дали парите наменети за реконструкција на објектот „Парк“, кој е дел од реконструкцијата на Офицерскиот дом ќе се пренаменат за изградба на велосипедски патеки останува да се види, бидејќи на таквата пренамена засега остро се спротивставува опозицијата, која во моментот го има мнозинството во Советот на Битола.

И додека во Советот се дебатира околу пренамената на средствата од ЕУ во висина од 400.000 евра за изградба на велосипедски патеки, никој, ниту од власта, ниту од опозицијата не зборуваат што ќе стане со руинираниот објект „Парк“, кој не само што ја нагрдува сликата во строгиот центар на Битола, туку е место од каде се шират неподносливи миризби и од каде може лесно да се шират зарази.

Доколку средствата од проектот „Smart4you2“ се пренаменат во изградба на велосипедски патеки се поставува прашањето што ќе стане со објектот „Парк“ кој е под заштита на спомениците на културата, а кој во моментот е целосно напуштен и оставен да пропаѓа и кој претставува потенцијална опасност за рушење и ширење на зарази.

Голем број битолчани дури предлагаат доколку овој објект не се реконструира и со парите наменети за негова реконструкција не се реновира, во тој случај најдобро ќе биде истиот да се сруши и да не го нагрдува повеќе ликот на Битола.

Извор: https://www.slobodenpecat.mk/vo-centarot-na-bitola-objektot-park-rascveta-vo-deponija/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.