Град Скопје пробува автократски да владее со МКЦ: Програмскиот совет на оваа установа разочаран и згрозен од односот

news
Advertisement

Притисоци како во автократските режими. Вака од Програмскиот совет на МКЦ, го пренесуваат искуството на в.д. директорот Ванчо Богоев, на кого секретарот на Град Скопје, Зоран Глигоров не му дозволувал да ја напушти канцеларијата додека не ги потпише двете нови решенија за вработување.

Advertisement

Едното се однесувало за позицијата шеф на Служба за општи работи, а другото за лице за односи со јавност- позиција која требало да ја добие музичарот и пејач Бени Шаќири.

Богоев не прифатил да го потпише решението кое за Шаќири би било отскочна даска за директорската функција, по што е експресно разрешен, велат од МКЦ.

„На тој состанок, ако можам да го наречам состанок, одземен телефон, обезбедувањето до Ванчо постојано поставено. Обезбедување кое што го следи и кога ќе излезе надвор од просторијата. И т.н. Значи нешто што е во најмала рака својствено за режимски начин на одлучување. Се со цел да потпише вработување кое како што гледаме од искуство после овие 5-6 дена, треба да се трансформира во работен однос директор на МКЦ“ – вели претседателот на програмскиот совет на МКЦ, Филип Николовски.

За нов в.д. директор е поставен Никола Алексов, дипломиран детектив , кој од пред некој ден е ангажиран привремено на функцијата шеф на Служба за општи работи во МКЦ. Тој нема никакво работно искуство во културна установа каква што е МКЦ,вели Николовски, кој најави проверка на повредата на нивниот Статутот, направена со поставувањето на Алексов за в.д. директор.

„Градоначалникот назначува в.д. директор привремено.Во Статутот на МКЦ е дефинирано дека тоа треба да биде лице од вработените. Човекот е вработен само два месеци , како пробен период преку Агенцијата за привремени вработувања.И ова претпоставувам дека е изигрување на законот“ – додава Николовски.

МКЦ е репресиран со инспекции, Финансиска полиција и ревизии во последниве години, откако под притисок на јавноста и независната сцена, Бени Шаќири не успеа да стане директор на оваа установа во 2019, вели Николовски.

Од МКЦ се незадоволни од Град Скопје и зашто добиле само 32 000 евра за годинашната програма , што според нив се должи на некомпетентна одлука која е применета како урамниловка во повеќе установи.

Од Град Скопје нема одговор за притисоците, а од МКЦ велат дека нема да запрат во борбата за професионализација на институциите . Најавија дека ќе се борат со сите расположливи законски средства и преку доградување на програмата за работа во лошите финансиски околности.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.