Груевски: Ако вечерва на седница на ЦК зборувате за мене, дозволете ми да се вклучам на видео врска

news
Advertisement

По дводневната фејсбук кавга со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицксоки, поранешниот премиер и сегашен бегалец во Унгарија, Никола Груевски, вечерва им испрати порака на неговите поранешни сопартијци да не го менуваат ставот на партијата по однос на точката околу промената на Уставот. Тој е дециден дека влијание на пратеници да гласаат некако за било која точка од негова страна „ниту имало, ниту во последните една година сум разговарал воопшто со некој пратеник“.

Advertisement

„Треба да знаат исто така дека клучното прашање со Бугарија кое доправа доаѓа е историјата и нивното тврдење дека до 1944 година Македонците биле етнички Бугари, говореле дијалект на бугарскиот јазик, наспроти тоа дека историјата до тогаш ни е дел од бугарската историја и дека потоа со сила сме биле ‘ребрендирани’ во Македонци. Тоа е голема историска лага, и бев многу загрижен што не само луѓето од власта туку и луѓе кои беа од ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ минатата година даваа изјави дека Бугарите морало да прифатат дека ние сме Македонци, а јазикот ни е македонски. Општо познато е дека Бугарите, барем според изјавите на нивните политичари, и порано и денес, велат дека немаат проблем ние ако сакаме да се нарекуваме и марсовци, и јазикот македонски, ако прифатиме дека до 2 август 1944 сме биле Бугари“,
пишува Груевски на својот фејсбук профил.

Тој му порача на Мицкоски дека, ако сакал да се пазари, ќе го направел тоа уште додека бил во Скопје.

„Разбрав дека ‘крунскиот доказ’ на Мицковски против мене бил некој наводен стенограм од средба на власта кај Пендаровски, каде си правеле ‘крчма без крчмар’. Не знам дали копијата од тој документ е реална, односно дека не е фалсификувана и подметната, но дури и да не е, некој треба да му каже на Мицковски дека ако јас сакав да се пазарам, имав неколку прилики уште додека бев во Скопје, но ги одбив. Таа дискусија можно е да е мотивирана од фактот што раководството на ВМРО-ДПМНЕ, а пред се Мицковски во многу наврати јавно говори дека ако станел премиер ќе ме апсел, а дека тоа навистина го посакува е фактот не само што нема никаков контакт со мене веќе пет години, туку се најлошо говори на сите за мене. Очигледно тој би бил најсреќен да ме удри некој трамвај во Будимпешта. Не се јавував јас вчера и денес кај угледни партиски луѓе туку тој со ултиматумот: или ќе ме поддржиш, или си со Груевски“,
пишува поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој им се обрати и на членовите од партиското раководство на чело со Мицкоски порачувајќи им дека ако продолжат да се занимаваат со лов на вештерки, ќе го надминат најдолгиот стаж на СДСМ во опозиција.

„Многу сте забрефтани и арогантни. Ве има обземено и злоба. Ја чувствувам кон мене. Што останало кон некои други. Уште не дојдени на власт покажувате голема сила, а квалитетна понуда нема. СДСМ беа зрели за паѓање на изборите 2020 година. Со ароганцијата, потценувањето на сите, самобендисаноста, непримисленоста и злобата што ги обземала дел од вас во потесното раководство, а најмногу првиот човек, им подаривте уште четири години и наскоро ќе станете раководна гарнитура на партијата со најдолг стаж во опозиција. Ако продолжите да се занимавате со лов на вештерки, може да би се случи и најдолгиот стаж во опозиција на СДС да го надминете. Ви поминуваат штетни за државата одлуки секој ден. Дремете. Само овие 2-3 дена додека со мене се занимавате куп штетни одлуки поминаа на различни нивоа на власта. Ве нема никаде освен по панаѓури и пиволенти. Оставете ме мене. Ако не сакате да ми помогнете, барем не ми одмагајте. Одлуката со мене да се пресметувате и некој таму да лечи комплекси, не ви е паметна“,
пишува Груевски.

Тој побара од неговите поранешни сопартијци, доколку вечерва на седницата на ЦК се зборува за него, да му дозволат да се вклучи на видео врска за да ја каже својата страна од приказната.

„Имам многу што да ви кажам, и за ова што сум нападнат, а ако сакате и за повеќе други работи за кои се уште се воздржувам јавно, иако сум најбрутално нападнат од актуелниот претседател на партијата. И во една ваква ситуација се контролирам, за да не направам штета на партијата. Знам дека технички можности во штабот има. Барем таков го оставив“, пишува на Фејсбук Груевски.

Извор: https://libertas.mk/gruevski-ako-vecherva-na-sednica-na-ck-zboruvate-za-mene-dozvolete-mi-da-se-vklucham-na-video-vrska/?fbclid=IwAR2uAJdMeEQ0xR4fPKw39E_w2FjpOIH0V_Dm9fwCWWrltsVaG50akEG3Ttw

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.