Даравелски бара ново судење

news
Advertisement

Со евентуално одобрување на барањето за ново судење, поранешниот директор би можел да се спаси поради застарување на кривичното гонење
Поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски, кој вчера на „Табановце“ ѝ се предаде на македонската полиција по 20 години престој во Белград, поднел барање за повторување на постапката.

Advertisement

Барањето тој го поднел од причина што во првата постапка во која правосилно е осуден на седум години затвор му се судеше во отсуство.

За тоа дали ќе има повторно судење ќе биде потребно подолго време, со оглед на тоа дека треба да се побараат податоци од затворот „Идризово“, како и мислење од Основното јавно обвинителство.

„Согласно барањето, оформен е предмет кој е распределен пред надлежен кривичен совет за понатамошно постапување. Советот, во однос на барањето, согласно Законските надлежности, најпрво ќе се обрати за податоци до установата каде што тој е на издржување на казната затвор, а потоа предметот ќе го прати на мислење до Основното јавно обвинителство. По комплетирање на списите, советот закажува седница и по донесената одлука странките и јавноста ќе бидат навреме известени“,

велат од Основниот кривичен суд Скопје.
Во случај да му се дозволи повторно судење, Даравелски би можел да се спаси поради апсолутна застареност на кривичното гонење.

Поранешниот директор на Царинската управа беше осуден на седум години затвор за злоупотреба на службената положба во периодот од 1999 до 2002 година. Според актуелниот Кривичен законик (КЗ), апсолутна застареност за кривични дела за кои е предвидена максимална затворска казна од 10 години настапува кога ќе помине двапати повеќе време од периодот кога е сторено кривичното дело.

Така, на пример, доколку за делото за кое се гони Даравелски е предвидена максимална казна од 10 години, а како што се наведува во обвинението, тој последни дејствија на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања имал во 2002 г., апсолутна застареност настапува за 20 години, односно веќе настапила во 2022 г.

Дали на Даравелски му застарело дело Кривичен нема да одлучува сега туку за тоа ќе се произнесе при евентуална одлука да се повтори судскиот процес.

Можноста да бара повторно судење му ја дава Законот за кривична постапка каде што во ставот 1 од членот 456 се предвидува дека постапката ќе се повтори ако осуденикот или неговиот адвокат поднесат барање во рок од една година откако лицето ќе дознае за пресудата со која е осудено во отсуство.

И во ставот 2 од истиот член се предвидува ново судење доколку, како што пишува, „против лицето осудено во отсуство во тек е постапка за екстрадиција и доколку државата во која се наоѓа лицето бара гаранции дека на лицето ќе му се дозволи право на повторно судење во негово присуство“.

Меѓутоа, како што вчера пишуваше „360 степени“, прашање е како судската власт ќе го толкува законот. На пример, дали би се прифатила тезата дека не е истечен рокот од една година и дали ќе се смета дека „осуденикот дознал сега“ во случај одбраната да тврди дека досега тој не ја примил правосилната пресуда.

За Даравелски, сепак, не настапила застареност на извршување на казната?

Кога станува збор за вториот став, каде што се споменува дека ќе има повторно судење ако државата дала гаранции, во предметот со Даравелски на барање на Србија, македонските органи веќе гарантирале, што го потврдува Основниот суд Скопје 1 во соопштение објавено во 2016 година.

„Во текот на 2014 година, Основниот суд Куманово и Министерството за правда се обратиле до Основниот суд Скопје 1, како првостепен суд кој ја донел пресудата, со барање да издаде гаранција дека на Даравелски ќе му се суди во негово присуство доколку побара повторување на постапката пред овој суд, за што е издадена гаранцијата по повеќе преписки на Судот со Министерството за правда во Србија преку Министерството за правда во Македонија“,

гласи дел од соопштението на судот пред речиси седум години.
Но, и овде прашање е дали би се зела предвид ваквата гаранција со оглед дека српските власти, сепак, не го екстрадираа Даравелски туку тој беше приведен на граничниот премин при обид за влез од Србија во Северна Македонија.

Министерството за правда потврди: Апсолутна застареност за извршување на казната на Даравелски настапува во 2028 г.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.