Да не се манипулира јавноста со неточни податоци, реагираат од Онкологија

news
Advertisement

Од ЈЗУ- Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија тврдат дека не станува збор за никакво ново откритие или скандал кој беше објавен од страна на Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Според нив документите, кои беа објавени се дел од документацијата која уште од почетокот на истрагата е предадена на сите истражни органи. Истата документација е во целост предадена и на Анкетната комисија

Advertisement

За случајот Онкологија пред Анкетната комисија беа изнесени многу информации од страна на поранешни и сегашни здравствени функционери, директори и вработени од клиниката, како и пациенти. За овој најголем скандал во здравствениот сектор, што воопшто се случил во Македонија, се произнесоа и политичките партии кои исто така реагираа и укажуваа на нови моменти. На последното излагање на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, реагираа од Клиниката за онкологија оти тој посочил дека се заработува на грбот на болните од канцер, велејќи дека располага со нови сознанија за скандалот на Клиниката. Според него за дивото месо на корупција и криминалот на канцер-мафија, треба да има одговорност.

Од Клиниката за Онкологија тврдат дека не станува збор за никакво ново откритие или скандал кој беше објавен од страна на Мицкоски.

-Наводите и документите кои беа објавени се дел од документацијата која уште од почетокот на истрагата е предадена на сите истражни органи. Истата документација е во целост предадена и на Анкетната комисија – велат од Онкологија и дополнуваат дека во однос на конкретните обвинувања сакаат во целост да ги отфрлат обвинувањата.

Што се однесува за ненавременото добавување на лекови и обвинувањата дека намерно не се давани негативни референци за компаниите добавувачи, од клиниката укажуваат дека фактите се поинакви.

– Клиниката од добавувачите повлекува количества лекови најчесто на месечно ниво. Заради зголемени потреби и нови пациенти, често се случува побрзо исцрпување на повлечените количини и истите да се потрошат порано од планираното. Во тие случаи на добавувачите им треба време за испорачување на нови количества. Ова не може да биде предмет на негативна референца. Дополнителна причина за одредени лекови е глобален или регионален недостаток кој е честа појава за време и по пандемијата-реагираат од ЈЗУ- Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија.

Во однос на обвинувањето дека на Клиниката се набавувале лекови на залиха, тие велат дела тоа е неосновано и погрешно.

-Количината за која се обвинува дека била вишок на залиха, не само што не е залиха туку била неопходна потреба и е во количина за мал број пациенти, и тоа од едниот лек само за 9 пациенти од друг лек за 5 пациенти. За еден од лековите („абиратерон“) воопшто и немало залиха и жалиме што со вакви неточни информации се манипулира јавноста. Ваквата пракса на менаџирање со лековите на УКРО е нужна и исправна за да не дојде до застој во давањето терапија, додека се завршат постапките за нови набавки – посочуваат од Онкологија.

Тие апелираат да се престане со политизација на судскиот процес и оцрнување на Клиниката.

– Клиниката е транспарентна и отворена за сите институции за овој случај, вклучително и за Анкетната комисија – заклучуваат од Онкологија.

Да се продолжи рокот на работа на Анкетната комисија за да се опфати и 2023 година

Мизрахи: „Канцер мафија“ има во македонскиот здравствен систем
Претседателката на собраниската Анкетна комисија, Рашела Мизрах,и вчера побара да се продолжи рокот на работата на комисијата, за да биде опфатен и периодот од 2023 година.

-Вистината за канцер-мафијата мора да се знае. Одговорност за дивото месо во здравството ќе има, со име и презиме, нагласи Мизрахи.

Мизрахи потсети дека Фондот за здравство нарачал и изготвил извештај од кој јасно се гледа скандалозното работење на Онкологија, како и основаните сомнежи за заработка на грбот на болните пациенти. Според неа, несоодветен третман на заболените од рак се случува и денес и тоа не е престанато.

Таа информираше дека пред комисијата досега се сослушани 49 сведоци и експерти, а 10 лица не се појавиле, иако биле уредно поканети. Како сведоци по вторпат се викнати екс-директорот на Онкологија, доктор Нино Васев, државниот обвинител Љубомир Јовески, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и Стево Крстевски.

Мизрахи вели дека и покрај доволните складирани количества на лекови, веледрогерии и денес набавувале огромни количества лекови за суми кои се изразени во милиони евра. Според неа лековите за болните биле давани на рака на пациентите, во торбиче, спротивно на медицинските протоколи.

ИЗВОР: https://www.vecer.press/%D0%B4%D0%B0-%D0%BD%D0%B5-%D1%81%D0%B5-%D0%BC%D0%B0%D0%BD%D0%B8%D0%BF%D1%83%D0%BB%D0%B8%D1%80%D0%B0-%D1%98%D0%B0%D0%B2%D0%BD%D0%BE%D1%81%D1%82%D0%B0-%D1%81%D0%BE-%D0%BD%D0%B5%D1%82%D0%BE%D1%87%D0%BD/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.