Доцна вечерва се огласи и Никола Груевски: Тоше ми поклони во шишенца, неколку примероци земја, осветена вода, масло и крст кој ги донел од Ерусалим

news
Advertisement

Нашата прва средба беше не планирана некаде на почетокот во 2007 веројатно. Имавме странска делегација на ручек во скопскиот ресторант “Воденица” каде само што ги испративме на паркингот, чекајќи да дојдат нашите возила, пред нас се појави и застана возило, мислам дека беше некаков џип, кој го управуваше самиот Тоше.

Advertisement

Погледите ни се сретнаа и тој се насмевна, застана, излезе од џипот, ни пријде на мене и уште два или три министри со мене, со еден благ и питом тон исполнет со смиреност и сигурност во себе започна една многу нормална, пријатна и човечка конверзација која траеше 7-8 минути бидејки тоа не попречуваше никого на паркингот.

“Да се запознаеме кога веќе сме лично толку многу блиску. Како сте?…” беа првите негови зборови. Претходно ние го гледавме како познат и успешен пејач кој кратко и по некој повод се појави во или малку пред кампањата на нашиот политички конкурент, па неговиот потег со приоѓањето малку не збуни, но само за неколку минути Тоше ги освои нашите срца пред се како човек, бидејќи како пејач веќе беше позната неговата големина.

Потоа го сретнав на неколку настани каде кратко и куртуазно ќе поразговаравме.
Некаде во септември 2007 година, неговата менаџерка побара средба кај мене заедно со него. Имаше некакви пишувања во еден дневен весник околу наводни неправилности во плаќањето даноци на некоја нивна фирма па тоа беше поводот за барањето средба.

На средбата неговата менаџерка ми образложи дека тоа што го пишува во весниците е невистина и јас одкако на ислушав веднаш ја поврзав со директорот на управата за јавни приходи за таму да ги расчистат тие работи.

Потоа Тоше побара од неа да останеме малку на само. Таа излезе од канцеларијата и тој започна конверзација на неколку теми.

Прво извади од торбата и ми поклони во шишенца, неколку примероци земја, осветена вода, масло и крст кој ги донел од Ерусалим од каде неодамна се вратил. “Знам дека сте верник и дека ќе ви се допадне ова ми рече”.

Со обзир дека веќе пред 9-10 години имав одено во Ерусалим разговаравме малку за тоа свето место и за Бог и неговата голгота.

Тоше со сигурност можам да потврдам дека беше верник, веруваше во Бог, се трудеше да живее по учењето на Исус и долго ми зборуваше околу тоа.

Веруваше дека треба да се биде добар човек, да се помага, да не се прави зло, да се работи чесно и да се биде искрен. Веруваше во тие вредности, Исус Христос беше во неговото срце.

Потоа ми раскажуваше за градба на манастир блузу Крушево зад која стоеше тој. Ми раскажуваше дека често уште како помлад пешачел таму и долго ми раскажуваше за живописноста на тоа место, и колку е убаво местото, погледот, воздухот. Таму му дошле многу идеи, планови кои со успех ги исполнил, таму имал многу убави чувства итн.

Ми кажа дека следниот чекор е таму во близина да се изгради голем крст кој ќе се гледа од далеку и од градот Крушево секако. Веќе имаше и проценка на трошоците. Вели “јас таму обезбедив се за да се заврши манастирот, но ми треба ваша помош за изградба на нов пат до манастирот и побара ако може да помогнеме и за изградба на крстотот”.

Мислам дека беше околу 3-4 километри долг пат. Му одговорив дека ќе разговарам со моите соработници со цел да најдеме начин и средства да помогнеме во тој дел.

Откако ја завршивме таа тема тој ја отвори следната. Кажа дека тој се занимава со пеење и не е толку упатен околу даноците, па тоа го има препуштено на други. Дека за тоа се грижи неговата менаџерка, но дека последните натписи во еден весник го погодуваат. “Што да направам” вели да не ми се случи не намерна грешка во тој дел. Очигледно натписите во весникот го беа вознемириле. “Некогаш плаќаат на сметка, некогаш за некој настап во готовина итн, како да правам а да не ни се случи реална грешка”.

Му кажав дека сигурно имаат сметководител кој се грижи за тоа, но дека можеби еден совет може да му биде во главата кога ќе заработи пари од неговата дејност. Му реков дека имаме најниски даноци во светот и дека нема друга држава каде би му било поевтино плаќањето данок.

“Запомни му реков: “каде и да заработиш, колку и да заработиш, независно како ќе заработиш, дали во готовина од некои концерти и настапи, или на сметка во банка, 10% од заработката треба да платиш данок на државата. Сега е намалено на 12% како прва фаза, но од 1 јануари 2008 година ќе биде 10%.

Една десетина од заработката ти оди во буџетот за училишта, болници, војска, полиција, администрација, водоводи, канализации, патишта, развој итн. Ако ти се во готовина парите, пријави ги, кажи како и каде си ги заработил, плати си 10% данок и потоа си чист, мирен си и со здравје да си ги трошиш другите заработени пари. Ако некој те советува да не го правиш тоа, не го случаш, ќе погрешиш. Никој ништо не ти може потоа. Тоа ти е доволно, со други детали не сакам да те оптеретувам, за се друго си знае сметководителот на фирмата, но ова добро е да го знаеш и да внимаваш и ти, независно што не ти е тоа работа”.

“Па ова ми личи многу едноставно и фер” одговори Тоше. “Ми олесна сега”, додаде тој”.

“Да” му реков, “тоа е основата, се друго е работа на сметководители и управителот на фирмата, но ова правило не го заборавај”.

Потоа му дадов примери како во други земји тие 10% се 15%, 20%, 25% и повеќе, но кај нас воведовме најниски даноци и ретко кому веќе му се исплати да прикрива данок и да не плаќа, па тоа, заедно со уште неколку мерки за спречување даночна евазија помогна, приходите од даноците да ни пораснат за над 20% во една година, па така почнавме многу нови државни инвестиции и проекти, зголемивме плати и пензии, а и предвремено вративме кредити, купивме објекти на многу амбасади итн.

Потоа кратко продискутира ќе уште неколку теми…

На крајот ми кажа дека оди за Австралија каде ќе има концерти и дека потоа има концерт во Скопје (или обратно), ми остави карти за концертот кои за жал не ги искористив заради презафатеност и замина со многу позитивна енергија која ја носеше насекаде со него и несебично ја ширеше.

Утрото на 16 октомври 2007 година, 3-4 недели по нашата средба, бев станал рано некаде пред 7 часот наутро и се спремав за работа. Имав работни обврски рано утрото. Денот беше сончев и се наѕираше дека ќе биде топол како за тој дел од годината, утринското сонце кое влегуваше низ стаклото на вратата од балконот во мојот стан просто мамеше да се излезе на отворено, и воопшто не навестуваше ништо лошо. Беше тивко, не звонат телефони во тоа време.

Одеднаш додека ја закопчував последните копчиња од кошулата и размислував околу првите средби кои требаше да ги имам тоа утро, неочекувано и невообичаено во тоа време ме побара пратеникот Оливер Шамбески кој сеуште се грижеше околу комуникациите на партијата.

“Добив информација дека Тоше Проески загинал во сообраќајна несреќа во Хрватска пред малку” ми рече тој. Не е уште потврдено но најверојатно е точно. Ќе се јавам за дополнителни проверки и ќе ви се јавам пак.

“Шок” но сеуште и мала надеж дека ќе се јави и ќе ми каже дека се било лажна вест, какви што знае да има за познати личности.

Сепак, за момент ми се вратија сите слики и разговори со Тоше, неговиот ведар дух, насмевка, радост, позитивна енергија, ентузијазам, младост, ведрина, искреност, планови…Потоа се сетив дека претходната вечер на кратко го видов на телевизија во Скопје, па надежта дополнително нарасна.

За 10-15 минути Оливер Шамбески тоа рано утро се јави повторно и сега веќе знаеше многу детали. Ми објасни дека по емисијата на телевизија доцна претходната вечер тргнале на пат во Хрватска.

Останав шокиран и не се помрднав од двоседот во дневната соба уште неколку минути.

Тоа беше голема трагедија. Тој беше ултра популарен млад човек кого сите го сакаа и уживаа во неговите музички изведби и песни. Беше јасно дека наскоро што се дознае цела нација и пошироко ќе падне во шок и длабока тага.

Се јавив во канцеларијата и ги откажав средбите утрото. Закажав нови, поврзани со трагичната вест на овој млад надарен и харизматичен уметник кој беше во тек да го заокружи и неговото формално музичко образование на факултетот за музичка уметност во Скопје.

Потоа следуваа тажни денови во Македонија, вести за детали од несреќата, погреб, средби со членови на семејството, сеќавања, говори итн.

Аманетот се исполни во најбрз можен рок, патот до манастирот се заврши, се направија напори и крстот се изгради, а и манастирот е завршен, колку што чув и веќе осветен.

Изградивме и музеј на Тоше Проески во Крушево кој беше многу посетен.

На мостот на уметноста во Скопје, Тоше доби и своја статуа помеѓу најзначајните македонски уметници на сите времиња. Се направија и редица други чекори на владата за афирмација на неговиот лик и дело.

Следуваа одблежувања на неговиот ден на раѓање и на загинување, но сето тоа Тоше, нашата мега балканска ѕвезда од Крушево, од Македонија, кој ги правеше почетоците на негова светска кариера не може да го врати меѓу живите.

Сепак, сеќавањето за него ќе биде засекогаш во сите нас и во нашите срца. Неговиот милозвучен глас и прекрасни интерпретации, неговото насмеано и секогаш ведро лице, неговите настапи, интервјуа, харизмата, добрината, хуманоста и вербата во Бога кои ги носеше во себе, ќе бидат дел од легендата за Тоше Проески која никогаш нема да исчезне.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.