Драматични сведоштва на патниците од авионот во кој загина маж од турбуленции

news
Advertisement

„СЕ ОТВОРИЈА ПОРТИТЕ НА ПЕКОЛОТ“: Драматични сведоштва на патниците од авионот во кој загина маж од турбуленции

Advertisement

Патниците на авионот Боинг 777 на Сингапур Ерлајнс, кој вчера мораше принудно да слета во Бангкок, откако за време на летот настанаа страшни турбуленции, од кои едно лице загина, а околу 20 се повредени, раскажаа како изгледале драматичните моменти на височина од 10.000 метри.

Во авионот, кој летал од Лондон за Сингапур, имало 229 патници и членови на екипажот. Според зборовите на патниците, одеднаш „се отвориле портите на пеколот“.

Авионот ненадејно паднал за околу 100 метри, а потоа хаосот траел речиси 90 секунди.

„Се беше совршено. Летот беше непречен, немаше воопшто турбуленции“, изјави патникот Ендрју Дејвис за Си-Ен-Ен.

Тој седел во предниот дел од авионот и видел како се повредени повеќе од десет патници, како и моментот кога загинал Џеф Кујчен (73).

„Тој господин седеше веднаш зад мене. На многу луѓе им требаше помош, но ние моравме нему да му помогнеме. Му помогнав да се подигне, го спуштивме меѓу седиштата, за да му дадат вештачко дишење“, вели Дејвис.

Тој вели дека реанимацијата траела околу 20 минути, пренесува Телеграф.

„За тоа време луѓето врескаа наоколу. Нивните повреди беа страшни. Кога се свртев, видов жена со страшна расекотина, крв што ѝ тече по лицето. „Еден постар патник беше во состојба на тежок шок“, вели Дејвис.

Јафран Азмир изјави за Ројтерс дека авионот наеднаш пропаднал и се почнало да се тресе.

„Тоа беше драматичен колапс, што сите што седеа и не беа врзани со ремени излетаа од своите места. Многумина ги удираа главите во кутиите за рачен багаж, притискајќи ги од силата. Удираа таму каде што се маските и светлата“, сведочеше Азмир за ужасот што се случи на летот.

Азмир вели дека се се случило толку брзо што никој немал ни време да реагира.

„Имаше патници во тоалетот, екипажот беше на нозе кога почнаа турбуленциите“, рече тој.

По инцидентот, авионот итно бил пренасочен кон Бангкок. Некои од патниците беа префрлени во Сингапур со друг лет, но 79 патници и шест членови на екипажот останаа во Тајланд, вклучувајќи ги и оние кои беа повредени.

Според Си-Ен-Ен, меѓу повредените има државјани на Австралија, Малезија, Велика Британија, Шпанија, Нов Зеланд, Ирска и САД.

Се верува дека Кујчен починал од срцев удар, а неговото тело е испратено на обдукција за да се утврди точната причина за смртта.

Неколку патници се здобиле со тешки физички повреди, во вид на скршеници и длабоки исекотини.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *