ДУИ СО 15 ПРАТЕНИЦИ ДИКТИРА ДАЛИ ЌЕ ИМА ЛИДЕРСКА ИЛИ НЕ, ОПОЗИЦИЈАТА ПРЕДУПРЕДУВА НА УСТАНА КРИЗА

news
Advertisement

Продолжува дебатата на политичките партии околу термините за претседателските и парламентраните избори и потребата од лидерска средба. На барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за двојни избори во еден термин и за лидерска средба се приклучи и албанската опозиција, а владејачката ДУИ, исто како и СДСМ, го повтори ставот дека нема потреба од лидерска средба и оти изборите ќе се одржат во одделни редовни термини.

Advertisement

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера во коментар на објавените анкети за партиските рејтинзи го повтори повикот што поскоро да се одржат изборите, порачувајќи дека вистинските бројки од анкетите се откриваат при соочување со народот на избори.

Најави дека ВМРО-ДПМНЕ кон крајот на јануари или на почетокот на февруари ќе ја започне официјалната постапка за избор на кандидат за претстојните претседателски избори во државава. Засега, како што најави, се искристализирани 22 имиња, што изразиле желба да бидат поддржани од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата и да бидат кандидати за претседател на државата.

-Убеден сум, а тоа го говори и јавното мислење, дека претседателскиот кандидат кој ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг ќе има најмалку 100 000 гласа повеќе од претседателскиот кандидат на СДСМ. Затоа сум загрижен дека ќе има демотивација кај СДСМ и кај нивните коалициски партнери кои се дел од албанскиот блок. Се плашам дека тоа може да не воведе во уставна и политичка криза заради неисполнување на цензусот, истакна Мицкоски.

Затоа, како што рече, апелирал да се одржи лидерска средба која може да ја организира и претседателот на Собранието и додаде дека е подготвен на таква средба да оди во секое време, да ги аргументира своите ставови и да се фиксираат датумите за претседателските и за парламентарните избори. Неговиот став што го објави претходно е дека треба да се одржат во ист термин бидејќи во услови на економска криза државата не може да си дозволи двојни трошоци.

И здружената албанска опозиција инсистира да има еден термин за двата изборни процеси.

-Постојаните повици на опозицијата за предвремени избори се прифатливи за опозицијата во албанскиот политички кампус, рече вчера претседателот на Движење Беса, Биљал Касами.

Според Касами, здружената албанска опозиција е веќе консолидирана и подготвена, како што вели, да победи на следните парламентарни избори и е подготвена да учествува во се што е во правец на организирање на фер, демократски и прифатливи избори.

-Во тој правец ние повикуваме што побрзо Владата да рефлектира, да повика средба на лидерите на политичките партии за да се договориме за терминот на предвремените парламентарни избори. Имајќи ја предвид економската ситуација во државата и трошоците кои се за организирање на изборите, ние инсистираме да имаме еден термин за претседателски и парламентарни избори со тоа што и редовниот термин е многу близок и цениме дека не треба да се направат дополнителни трошоци само за парламентарните избори да бидат три месеци подоцна, изјави Касами.

Левица, пак, како изјави пратеникот Борислав Крмов, би учествувале на лидерска средба за изборите, а прашањето кога би се одржале претседателските и парламентарните избори следната година може да се реши институционално.

-Би требало институциите тие проблеми да ги решаваат. Имаме закон, имаме Изборен законик. Ако добиеме покана ќе размислиме, но најверојатно ќе ја прифатиме, рече Крмов на прес-конференција во Собранието.

Во меѓувреме, „Движењето за наша Македонија – ЗНАМ“ ги собра потребните потписи согласно Законот за регистрација на политичките партии и следниот чекор, како што изјави вчера претседателот на иницијативата Максим Димитриевски, ќе биде поднесување на документите пред надлежниот суд за регистрација. Подготвени се, според Димитриевски, да излезат на избори без разлика кога и да се одржат, но од економски аспект подобро би било да се одржат во ист временски период.

– Еден изборен круг чини многу пари и можеби е многу попрагматично државата да организира избори во ист временски период. Како и да одлучи парламентараното мнозинство, ние ќе ја почитуваме таа одлука, ќе се организираме и ќе излеземе на избори, изјави Димитриевски.

Наспроти опозицијата, претседателот на ДУИ Али Ахмети вчера повтори дека изборите ќе се одржат во редовниот термин и нема потреба од лидерска средба, како што претходно во неколку наврати се изјасни и премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски.

Според Ахмети, во моментов изборите не нудат решение и приоритет над приоритетите е како да се постигне договор за уставните измени и одржувањето на меѓувладината конференција, што треба да се одржи на крајот на оваа година. – Не знам што можеме да направиме за да им служиме подобро на луѓето, отколку да ја зачлениме земјата во Европската унија. Изборите не нудат решение, така што, изборите ќе се одржат во редовниот термин, напролет следната година, рече Ахмети на новинарско прашање.

Повтори и дека во случај на ВМРО-ДПМНЕ да и пречи ДУИ да биде во предводењето на државата, ќе се повлечат од извршната власт во моментот кога тие ќе ги гласаат уставните измени.

И Ковачевски веќе се изјасни дека претседателските и парламентарните избори ќе се одржат во законскиот термин, односно согласно законските рокови, земјава на 12 мај следната година да има нов претседател, а на 15 јули нов парламентарен состав.

Според Ковачевски, не може да се прават лидерски средби на коишто ќе се разговара за решенија што не се усогласени со ниту еден закон.

– Ние не можеме да супституираме институции, значи да укинуваме Парламент, да укинуваме политички партии и да правиме лидерски средби на коишто ќе се разговара за решенија што не се усогласени со ниту еден закон. Но со оглед на тоа дека имавме лидерска средба на која што како претседател на СДСМ му понудив на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, решение – во понеделник да ги изгласаме уставните измени, истиот ден да го распуштиме Собранието и да одиме на избори. Или доколку сакаат да ги отвориме уставните измени, да влезат во Владата на паритетна основа односно 50 проценти од министерствата, да ги затвориме процесите на скринингот и на уставните измени, да ги отвориме поглавјата, да затвориме заедно едно или две поглавја, во што сум убеден дека можеме да го направиме до февруари, и потоа да одиме на претседателски и на парламентарни избори. Тоа се опциите што стојат на маса, рече Ковачевски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери веќе се изјасни дека би свикал лидерска средба за договор за термин за претседателски и парламентарни избори само доколку претседателите на политичките партии би се согласиле на тоа. Џафери укажа дека ако има разговори, тие би требало да завршат најдоцна до крајот на годината, а се потоа ќе значи течење на роковите и постапките предвидени со закон и Устав за редовни избори.

-Прво и основно не е прашањето дали претседателот на Собранието би повикал или не лидерска средба. Мислам дека посоодветно е да се постави прашањето до лидерите на политичките партии дали би се одѕвале на евентуална покана и од тоа после зависи цела понатамошна постапка. Посоодветно би било прво информација да се има од волјата на лидерите да дојдат во Собрание. Од мој аспект нема никаков проблем таа волја да ја удоволам, изјави Џафери.

Тој порача дека роковите за редовни термини за изборите се јасно, прецизно, пропишани со Устав и со закон, но и дека има простор за договор, но само до крајот на годината, како и дека единствен термин за двојни избори е 5 мај во редовен термин.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.