ДУШКО ВЕСКОВСКИ ОД СДСМ ОТВОРИ НОТАРСКА КАНЦЕЛАРИЈА: Сакал да започне нешто на приватен план

news
Advertisement

Доскорешниот организационен секретар на СДСМ, Душко Весковски, отвори нотарска канцеларија во Центар со решение од Министерството за правда и потврда од Нотарската комора на РСМ.

Advertisement

Поранешниот директор на скопски „Водовод и канализација“, како и кандидат за градоначалник на Општина Карпош, ја потврди оваа информација и ни рече дека сакал да започне нешто по своја иницијатива надвор од политиката.

– Јас веќе година и пол дена не членувам во ниту еден одбор на СДСМ и немам партиска функција, а и уште тогаш кажав дека сакам да започнам нешто на приватен план, вели Весковски, кој по професија е правник.

Неофицијално, Министерството за правда објавило конкурс за десет слободни нотарски места, а Весковски бил меѓу првите три кои ги исполниле условите и го добиле потребното решение.

Весковски своевремено беше претседател на општинската организацја на СДСМ Карпош и стана познат во јавноста по секојдневните партиски активности кои ги предводеше со прес конференции за урбаната мафија. Во 2021 сепак не успеа да го победи Стевчо Јакимовски во трката за градоначалник на Карпош.

Во времето кога Петре Шилегов беше градоначалник на Скопје, Весковски стана директор на „Водовод и канализација“, а потоа и организационен секретар на СДСМ на местото на Миле Зечевиќ до средината на 2022.. Претходно Весковски работеше како раководител во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.

Претходно од познатите политичари, своја нотарска канцеларија во 2017 отвори поранешната пратеничка и портпаролка на ДУИ, Ермира Мехмети. Таа во 2016 истовремено доби нотарско решение заедно со пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, за кого Министерството за правда во меѓувреме поведе постапка за одземање на дозволата за работа како нотар поради тоа што тој извршувал јавна функција. Тогаш беше објавено и дека поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, добил нотарска дозвола, но тој отвори адвокатска канцеларија.

Актуелниот народен правобранител Насер Зибери, инаку поранешен кадар на ПДП, беше нотар пред да ја преземе функцијата, а еден од најуспешните нотари денеска е поранешниот заменик-министер за внатрешни работи Џеват Бучи.

Изворв: https://faktor.mk/dushko-veskovski-od-sdsm-otvori-notarska-kancelarija

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.