Заев го „гаси пожарот“ во СДСМ: Колку е можно „врзувањето на ткивото“ на Бихаќка?

news
Advertisement

Постои ли поделеност и раскол во СДСМ е прашањето кое се поставува изминатите денови откако пратеникот на партијата, Мартин Костовски побара обединување во редовите на членството. Пратеникот го спомна и зборот „потонување“, при што се остави простор дека постои одредена загриженост во партијата на власт. Сепак синоќешните фотографии од седиштето на СДСМ на „Бихаќка“ каде се гледа дека поранешниот премиер Зоран Заев е на иста маса со актуелното раководство на партијата, се со цел да се демантираат информациите за наводна поделеност или барем да се престави дека партијата не е во криза, како тоа што се случува со „војната“ меѓу сегашниот и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Никола Груевски. На фотографиите се гледа дека со премиерот Димитар Ковачевски седат и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, како и генералниот секретар на партијата, Миле Зечевиќ, професорот на Економскиот факултет и поранешен пратеник и партиски функционер, Игор Ивановски – Шема, шефот на кабинет на премиерот Мартин Попов, како и организациски секретар во СДСМ, Митко Трајчулески.

Advertisement

Јавноста е поделена околу случувањата во владеачката партија. Според професорката на Правниот факултет, Ана Чупеска, синоќешната средба е дефинитивно за поздравување и оттука и оценките се позитивни. Во разговор за „Локално“ вели дотолку повеќе што премногу време се остави на шпекулации околу постоење на внатрепартиски раскол.

-Во партија од калибарот на СДСМ и во вакви околности за Земјава, недозволиво е да се разединува прогресивно ткиво, и оттука, не само Заев како екс претседател на СДСМ, туку и сите расположливи снаги треба да се мобилизираат во правец на конечна реализација на државната стратешка цел: членство во ЕУ, порачува Чупеска.

Според неа, воопшто не е важно дали се работи за игри пред избори, туку она што е важно е да се обезбеди стабилна консолидација на целиот прогресивниот блок, кој треба да го предводи СДСМ.

Сепак соговорничката истакнува дека постои некаков раскол, иако вели дека за неа, останува сериозно прашање дали тој раскол е и вредносен, со оглед на тоа „дека во тие преписки не забележав дека имаат концептуални разлики околу нашето членство во Унијата“.

За тоа дали очекува посилен или послаб СДСМ од целата оваа ситуација, Чупеска оценува дека тоа зависи од партијата и од нивото на мобилизацијата.

Но, мислам дека имаат историска одговорност како главен субјект во Владата да ја реализираат стратешката цел за членство во ЕУ. Тие впрочем и немаат баш некој избор: дали да бидат силни или слаби. Едноставно, мора да се најмудри и најјаки, што би се рекло, заради тоа што имаат обврска земјата да ја доведат на крајната стратешка дестинација, подвлекува професорката на Правниот факултет.

Од друга страна, политичкиот аналитичар Агим Јонуз смета дека самиот податок дека СДСМ спомнуваат „потоп“, ги мобилизира сите внатрешни сили. Тврди дека пред оваа пресудна битка пред изборите, мора малку покохерентно да се збијат силите за да се настапи на изборите, но истакнува дека во моментов, СДСМ е во една трагична ситуција“.

Колку е можно врзувањето на ткивото на „Бихаќка“ зависи од нив. Тие се соочени со еден феномен кој што на изборите се појавува постојано – казнување на естаблишментот кој владее во државата. Досега на ниту едни избори не гласале за подобра опција, туку се казнува оној кој што владеел. Народот веќе 30 години живее во едно перманентно незадоволство, рече Јонуз за „Локално“.

Околу споредбата со најголемата опозициска партија, Јонуз вели дека феноменот на ВМРО-ДПМНЕ за раскол влече корени откога постои.

Сведоци сме на археолошките факти кои велат дека ВМРО никогаш не била единствена. Од друга страна, не може да има расчистување на остатоците на Заев во СДСМ од страна на Ковачевски бидејќи ткивото по хоризонтална линија значи дека членството на СДСМ е огромно. Тоа значи дека уште долг период ќе има внатрепартиски поделености, несогласувања и различни мислења. Целиот проблем е што доаѓаат избори. Доаѓаме на два амбиенти – порано поделеноста меѓу СДСМ и ВМРО беше во тоа што едните играа на карта на народ и пласирање на информации од она што народ сака да го чуе, а од друга страна имавме дека доколку они останат на власт, тие ќе бидат тие кои што еден ден Македонија ќе ја однесат во светла иднина. Таа иднина никој не ја покажаа веќе 30 години. Сериозен е проблемот на политичката сцена во Македонија. И во албанските партии се расчленуваат, се распуштаат и се инсталираат нови партии. Двете клучни македонски партии имаат внатре расколи со фракции кои не можеш да ги изброиш. Решението е само едно – на изборите кој и да победи, единствениот начин е да функционира државата е некоја широка коалиција. Сериозна криза владее меѓу партиите, наведува политичкиот аналитичар.

Сепак соговорникот е дециден дека СДСМ е секако послаб за разлика на онаа инсталација на политичари што ја имаше порано.

-Партијата има сериозна внатрешна бура. Поделени се внатре на остаток од скопската фракција и онаа фракција која што во минатите години се инсталира, односно анонимуси кои што влегоа во игра, но не доволно спремни. Суетата на скопската фракција многу скапо ќе ја чини партијата на идните избори, објаснува Јонуз.

Извор: https://lokalno.mk/zaev-go-gasi-pozharot-vo-sdsm-kolku-e-mozhno-vrzuvanjeto-na-tkivoto-na-bihakjka/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.