Заканите и навредите посилни од апелите за воздржаност

news
Advertisement

Барањето на претседателот Стево Пендаровски до Владата да им забрани влез во Македонија на европратеникот Ангел Џамбаски и други бугарски државјани вчера предизвика реакција кај повеќе бугарски политичари, а потпретседателот БСП Кристијан Вигенин дури ги повика властите и партиите во нашата земја „да се воздржат од изјави кои не водат кон решавање на проблемите, туку кон неприфатлива ескалација“. Претседателот Пендаровски по седницата на Советот за безбедност завчера попладне рече дека забраната за влез ја побарал согласно Законот за странци поради дејствијата што тие лица ги преземаат против нашата држава, без да прецизира кои се, но од неговиот опис се заклучува дека мисли на радикалот Џамбаски и на Виктор Стојанов од бугарската фондација „Македонија“. Според СДСМ барањето на Пендаровски е во ред, според ВМРО-ДПМНЕ е задоцнето, а според аналитичарите непотребно, оти нема да донесе ништо добро за нас.

Advertisement

Односите влошени
Освен што ги повика македонските власти да се воздржат од изјави што можат долгорочно да го влошат дијалогот меѓу двете земји Вигенин најави дека неговата партија ќе инсистира за тепањето на охриѓанецот Христијан Пендиков да бидат информирани Советот на Европа и ОБСЕ.

– Настаните од последните денови во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија ја потврдуваат исправноста на ставот на БСП да не поддржи укинувањето на ветото за преговорите за членство во ЕУ – рече тој откако во бугарското собрание беше одложено сослушувањето на техничкиот министер за надворешни работи Николај Милков за односите на Софија со Скопје заради негово отсуство.

Милков завчера во Брисел на состанок на министрите за надворешни работи на земјите–членки ги информирал колегите „за влошената состојба во РС Македонија во однос на граѓаните со бугарско национално чувство“, со акцент на „тешкиот инцидент во Охрид“, при што изразил жалење што овој „сериозен инцидент е дел од повеќето слични настани со антибугарски карактер во последните месеци“.

Лидерот на радикалната партија „Преродба“ Костадин Костадинов вчера повтори дека на Македонија треба да и се стави вето за влез во ЕУ.

– Македонија отсекогаш покажувала дека кога тргнува на линија на конфронтација со Бугарија е подготвена да оди до крај. Голема дилема е до каде ќе оди нашата земја – изјавил Костадинов, кој, пак за најновиот развој на настаните бара да се свика состанок на Советот на министри за надворешни работи на НАТО, затоа што „некој се обидува да ги внесе Бугарија и Македонија во руско-украинското сценарио“.

Апели за воздржаност
Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека ветото засега е завршена работа.

– Бугарија кога можеше да не блокира го направи тоа. Следно ќе може да ни даде вето, како и секоја друга земја-членка, кога ќе ги завршиме преговорите за членство во ЕУ, а дотогаш таа можност е анулирана со преговарачката рамка. Тие од Софија се закануваат, но Бугарите се балкански политичари, не се нордиски политичари и си даваат паушални изјави – вели Муслиу за „Слободен печат“.

Во врска со најавената забрана за блез на европратеникот Џамбаски Муслиу смета дека таков потег не е потребен.

– Нашата страна треба да се воздржи од ескалација на односите со Софија и да не дава изјави што ќе продонесат односите да се влошат. Нам влошување никако не ни одговара, затоа што, иако не може да ни стави вето, Софија ќе најде начин да ни го отежнува патот кон ЕУ. Тие се помоќни, тие се земја-членка и секогаш ќе измислуваат разни причини да ни отежнат. Значи, мудро е во овој омент да се воздржиме и да гледаме да ја исполниме нашата стратешка цел со преговорите со ЕУ – вели Муслиу.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.