Демократската унија за интеграција најостро ја осудува, како што велат, скандалозната одлука на претседателката Гордана Сиљановска Давкова за ставање вето на Законот за двојазичност на лиценците во градинките.
„Ова е отворен напад врз албанскиот јазик и обид за поткопување на правата на Албанците во Северна Македонија. Но, ова не е изолиран чин, туку јасно координирана стратегија. Прво, лидерот на ВЛЕН, Африм Гаши, јавно настапи со изјава со цел да го подготви јавното мислење против албанскиот јазик и да создаде алиби за овој чекор, а веднаш потоа, разгорениот антиалбански национализам се активираше за да негира и напаѓа сè што е албанско.
Ова е агресија против Албанците, во која влен свесно ја презема улогата на соработник.
Ова не е само удар врз јазикот – ова е обид за враќање на Албанците назад, за демонтирање на сите тешко стекнати права. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со поддршка на ВЛЕН, покажува дека нема никаков интерес за соживот, туку следи реваншистичка, антиалбанска и опасна агенда.
ДУИ има јасна порака: Албанскиот јазик не е монета за политичко поткусурување! Тој е уставно загарантирано право, а не инструмент кој оваа влада може да го користи по сопствена волја!