Премиерот Димитар Ковачевски смета дека процеси коишто се од стратешко значење за државата, како уставните измени, не можат да бидат предмет на уцени, туку тие се прашање на принципи – дали некој го поддржува или не го поддржува европскиот пат. Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, најави дека од следната недела ќе се интензивираат разговорите за обезбедување двотретинско мнозинство во Собранието, за старт на процесот за промена на Уставот.
Премиерот Ковачевски оцени дека прашањето за уставите измени е сериозно, државничко прашање и во услови кога земјава започна преговори со ЕУ, преку скрининг процесот, сега се зависи од нас околу натамошното движење по европскиот пат. – Условувања за вакво прашање се навистина неприфатливи. Наместо тоа, јас повикувам, повикував и ќе повикувам на широк општествен и политички консензус за европскиот пат на државата, нагласи Ковачевски, во одговор на новинарско прашање околу најавата на лидерот на Беса, Билал Касами дека партијата ќе ги поддржи уставните измени, доколку властa се согласи на одржување предвремени парламентарни избори следната пролет.
Коментирајќи го ваквото барање премиерот Ковачевски истакна дека не функционира под притисоци и уцени, нагласувајќи дека изборите ќе бидат во 2024 година и тоа е веќе апсолвирано прашање.