Колку е опасна бактеријата листерија поради која се повлекуваат виршли од продавниците

news
Advertisement

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска нареди итно повлекување на виршли од брендот Вуди (Wudy), кај кои вo земја членка на ЕУ, било утврдено присуство на бактерија листерија моноцитогенес СТ 155 (Listeria мonocytogenes ST 155). Колку е опасна оваа бактерија и како може да се заштитиме објаснува микробиологот Никола Пановски.

Advertisement

Проф.д-р Пановски објаснува дека листерија моноцитогенес е бактерија од животинско потекло и најмногу може да се најде во сувомесни производи.

АХВ нареди итно повлекување на виршли Вуди, поради присуство на бактерија

Во зеленчукот, како што вели, не може да биде присутна со голема концетрација и да предизвика сериозни последици по здравјето на граѓаните.

– Бактеријата е опасна доколку се внесе во голема концетрација. Најчесто ги напаѓа бремените жени, децата и хронично болните, но и здрав човек може сериозно да се разболи поради неа ако ја внесе во големи колични. Се лекува со антибиотска терапија, а може да биде лесна за лекување ако се превенира на време – објаснува Пановски.

Бактеријата листерија моноцитогенес дава неспецифични симптоми, кои се типични и за грип.

– Висока температура, глабоволки, болки во мускули се изразените симптоми. Поради тоа може да се открие подоцна и тогаш да биде фатална за организмот – додава тој.

Пановски посочува дека пред повеќе од пет години во земјава имало мала епидемија од листерија, кога имало и смртни случаи.

– Првична превенција е контрола на храната од надлежните институции. Ако е најдена на време, како во случајот со виршлите, а нема заболено човек, тогаш состојбата е во контрола и нема опасност. Ако се најде кај пациент е веќе нешто друго, зашто треба да се бара изворот на зараза. Не се пренесува од човек на човек, се заразуваат само тие што јаделе храна во која има концетрација од оваа бактерија – заклучува Пановски.

Затоа, посочува тој, граѓаните термички добро да ја обработуваат храната, посебно месните производи.

Според податоците од Институтот за јавно здравје бактеријата се размножува на ниски температури и е толерантна на сол, затоа може да преживее во преработена, конзервирана храна, како и храна што се чува во фрижидер.
За храна која најчесто се поврзува со ширење на листериоза се смета: замрзнато месо и хот дог; преработки од месо и риба; непастеризирано млеко и млечни производи како што се меко сирење, путер и млеко, особено ако се направени од непастеризирано млеко; претходно подготвени салати и сендвичи.
Може да се пренесе и преку контаминиран зеленчук и овошје, особено лубеница и диња.

Од Министерството за здравство побаравме одговор дали во изминатиот период е детектиран случај на пациент со присуство на оваа бактерија, а ќе го објавиме штом ќе го добиеме.

За небезбедниот производ преку системот за брзо известување на ЕУ информирала Италија, која врз основа појавата на труење предизвикано со патогената бактерија ја креирала наведената нотификација која била поткрепена и со лабораториска анализа, информираа од АХВ. Оттаму информираа дека станува збор за овие серии од производот:
АХВ ги повика потрошувачите кои ги имаат купено посочените серии од производот да не ги употребуваат, односно, да ги вратат на местото каде се купени.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.