Комисијата предлага Трамп да биде изведен пред суд

news
Advertisement

Доналд Трамп е првиот американски претседател против кого Конгресот препорачува кривично гонење. Истражната комисија на Конгресот, која се занимаваше со расветлување на упадот во Капитол на 6 јануари 2021 година, препорача кривично гонење на екс претседателот Доналд Трамп. Специјалниот комитет во Претставничкиот дом, раководен од Демократите, на вчерашната (19.12.2022) веројатно своја последна јавна седница, едногласно се изјасни на Министерството за правда да му бидат предадени доказите кои би значеле најмалку четири кривични пријави: за спречување на официјална процедура во Конгресот, попречување на правдата, заговор за измама на САД, заговор за давање лажна изјава и бунт.

Advertisement

„Доколку сакаме да преживееме како нација која ги почитува законите и демократијата, ова никогаш не смее да се повтори“, изјави претседателот на Комисијата, Бени Томпсон на почетокот на заседавањето.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој најави своја кандидатура и за следните претседателски избори во 2024 година, досега постојано ги отфрла обвинувањата против него како политички мотивиран „лов на вештерки“. Завршниот извештај на специјалната Комисија, која 18 месеци го расветлуваше упадот на илјадници приврзаници на Трамп во седиштето на Конгресот во Вашингтон, треба да биде објавен во среда. Симпатизерите на екс претседателот се обидоа да да го спречат трансферот на власта од Трамп на победникот на изборите, демократот Џо Бајден, историски преседан во преку 200 години старата традиција на американската демократија. Во врска со упадот во Капитол загинаа пет луѓе, повредени беа повеќе од 140 полицајци, а штетите предизвикани во Капитол се движат во милионски суми. Членовите на Истражната комисија одговорноста за овие настани му ја припишуваат на Доналд Трамп, а тој до денес својот пораз во 2020 година го смета за последица на наводна изборна измама, иако никогаш не достави убедливи докази за ваквото тврдење. Дискусијата околу Истражната комисија засилено паѓа под сенка на претстојната изборна трка за претседател во 2024 година. Поаѓајќи од слабиот резултат на Републиканската партија на меѓуизборите во ноември годинава, одделни Републиканци повикуваат настаните од 2020 година да се остават во минатото.

Доналд Трамп пак е соочен со повеќе обвинувања, поради што е нејасно дали тие ќе ја намалат неговата шанса за повторна кандидатура, иако сеуште ужива силна поддршка кај партиската база на Републиканците.

Препораката на Истражната комисија до Министерството за правда да поднесе кривична пријава против Трамп не е обврзувачка. Јавниот обвинител Мерик Гарланд назначи специјален обвинител, Џек Смит, кој треба да ги испита наводните напори за попречување на транзицијата на власта по изборите во 2020 година, а Одделот за правда одби да даде коментар.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.