Косовската Академија на науките се пишмани, го избриша Ахмети од делот за поделба на Косово

news
Advertisement

Косовската Академија на науките и уметностите го корегира делот од својата анализа напишана на 39 страници каде претседателот на на ДУИ Али Ахмети беше наведен како личност која дала поддршка на идејата за поделба на Косово. Сега во тој дел воопшто не фигурира името на лидерот на македонските Албанци, некогашен водач на ОНА и припадник на УЧК. Вчера самиот Ахмети реагираше со зборовите дека не е точно, затоа што за него Косово е света земја, во чии ровови и самиот поминал дел од борбата за албанската кауза. Косовската Академија неодамна во анализата наведе дека Али Ахмети успеал да нмаетне преку корумпирани форми на моќ поддршка за своите ставови за поделба на Косово преку некои провладини медиуми, но и дека сепак не усеал да го смени јавното мислење кое во голема мера е против да се подели Косово.

Advertisement

„Од друга страна, поддршката што ја доби од некои албански лидери на Северна Македонија (Али Ахмети), дека мирно ќе ја прифатат поделбата на Косово, не барајќи од нив да се приклучат на Косово или Албанија и да не ја распарчат оваа земја, немаше гаранција дека поделбата на Косово не би го уништила истовремено кревкиот мир во овој ‘остаток’ на Западен Балкан”, пишуваше во анализата.

Но, сега, по вчерашните реакции во јавноста, но и по реакцијата на самиот Ахмети, овој пасус на косовската Академија на науките и уметностите е изменет, па сега во однос на идејата за поделба на Косово пишува:

„Некои западни дипломатски претставништва оваа околност ја гледаа како ‘златна можност’ за брзо решение на ‘косовското прашање’, па зад сцената дадоа поддршка на оваа идеја, користејќи фраза како оваа: ако страните се договорат за решение дури и преку поделба, немаме причина да не го поддржиме тоа решение. Но, како што ќе се види подоцна, ситуацијата на теренот во самото Косово воопшто не беше таква: јавното мислење остана речиси единствено против поделбата на Косово. Од друга страна, поддршката што ја доби од некои албански лидери на Северна Македонија, дека мирно ќе ја прифатат поделбата на Косово, не барајќи да се обединат со Косово или Албанија и да не ја распарчат оваа земја, немаше гаранција дека со таква агенда кревкиот мир во Северна Македонија нема да биде уништен во исто време”.

Инаку, вчера Али Ахмети на предновогодишниот прием што во Скопје го организира ДУИ во врска со анализата на косовската Академија рече:

„Без разлика на разните изјави или анализи, јас дадов дел од мојот живот за независност на Косово во овие граници и не се пазарам за парчиња земја натопена со крвта на мои другари. Косово е света земја“.

Инаку, деновиве анализата на Академијата на науките и уметностите на Косово предизвика многу полемики низ медиумите на албански јазик.

Веќе подолго време на Балканот се говори за можноста тензиите во невралгичниот регион да се смират со поделба на Косово, при што Србија би го добила северниот дел, додека Косово би добило некои населени места од југот на Србија, а резултат на тоа би било меѓусебно признавање на државите.. Од друга страна тоа се поврзува со можноста кон Србија постепено да се припои Република Српска.

Но, стравувањата се дека ваквата политика за поделба на Косово поддржана од западните држави, би можела да доведе до тенденција за поделба и на Македонија.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.