Локалните избори на северот на Косово одложени за догодина во април, соопшти претседателката Вјоса Османи

news
Advertisement

Претседателката на Косово на прес-конференцијата објасни дека во овој момент е неопходно одложување на вонредните локални избори и додаде дека и Европската Унија одбила да ги следи изборите поради кратката временска рамка во која требаше тие да бидат организирани
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, денеска попладне соопшти дека вонредните локални избори на северот на Косово се одложени за април 2023 година, јавува регионалниот сервис на Радио Слбодна Европа.

Advertisement

Османи ова го изјави по средбата со лидерите на политичките партии.

Изборите во четири општини на северот на Косово – Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан, претходно беа закажани за 18 декември.

Османи изјави дека постои целосен консензус меѓу политичките партии за одложување на изборите и додаде дека е земен предвид извештајот што Централната изборна комисија го проследи на 9 декември.

Таа на прес-конференцијата објасни дека во овој момент е неопходно одложување на вонредните локални избори и додаде дека и Европската Унија одбила да ги следи изборите поради кратката временска рамка во која требаше тие да бидат организирани.

Меѓународната заедница претходно повика на одложување на изборите на северот на Косово.

Прашањето за одложување на вонредните локални избори на северот на Косово стана актуелно по серијата инциденти што се случија во северните општини, кога Централната изборна комисија се обиде да започне процедура за нивно организирање.

Изборите треба да се одржат по оставките на претставниците на локалните власти по одлуката на косовската влада за пререгистирање на возилата со српски регистарски таблички во таблички со ознака РКС (Република Косово).

Најголемата партија на коовските Срби, Српската листа, која ја има поддршката од Белград, соопшти дека нема да учествува на изборите, а нема да учествуваат ниту нејзините поддржувачи.

Досега, САД и Германија побараа одложување на изборите, поради инциденти со употреба на огнено оружје и експлозивни направи.

Тензиите на северот на Косово денеска повторно добија на интензитет, откако на граничниот премин „Јариње“ утрово беше уапсен Дејан Пантиќ (56) од Косовска Митровица, Србин кој бил интегриран припадник на косовската полиција. Во знак на протест, а за да не биде одведен во Приштина, Србите од северот на Косово се собираат и поставуваат барикади на патиштата.

Србите од Лепосавиќ и Северна Митровица не сакаат да дозволат уапсениот да биде однесен во Приштина.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.