Математички прецизно? Мицкоски ем ќе крати даноци, ем ќе покачува пензии и ќе инвестира милијарда евра во општините

news
Advertisement

ВМРО-ДПМНЕ на свечен настан вчера започна со промоција на клучните ветувања за следните избори што ќе се случат за неколку месеци од сега.

Advertisement

На настанот „Важно е! Платформа за иднината!“ лидерот на партијата Христијан Мицкоски зборуваше за економија, енегертика, грижа за граѓаните, поддршка за општините преку предлог решенија што треба да бидат дел од новата Програма на ВМРО-ДПМНЕ.

Слично како и неговиот претходник Никола Груевски и Христијан Мицкоски најавува деночни реформи и дополнително намалување на даноците, особено Данокот на добивка.

Мицкоски најавува дека има за цел од Македонија да направи земја со најниска стапка на Данок на добивка во Европа.

„Планираме сериозно да интервенираме во данокот на добивка и тоа за секоја компанија, без разлика дали е домашна. Можеби компанија која што ќе дојде од Европа и светот, која што својот профитен центар или седиште ќе го донесе во Македонија, за деклариран профит до 20 милиони евра данокот ќе остане ист, 10%, нормално, ако е реинвестиран 0%. Ако пријави профит околу 20 и 30 милиони евра, данокот ќе биде 8%, од 30 го 50 милиони евра ќе биде 6%, а над 50 милиони евра данокот ќе биде 5%, со што Македонија ќе се профилира како држава со најнизок данок на профит. Затоа ги повикувам, не само домашните компании, туку и компаниите во регионот, во Европа, па и во светот своите профитни центри да ги префрлат тука, во Македонија и да заштедат во својот бизнис средства кои што ќе им бидат потребни понатаму да го развиваат својот бизнис“ порача Мицкоски.

Тоа, во пракса значи значително помалку средства во државниот буџет што би се слеале преку оваа ставка, што само по себе значи и помалку средства што и се на располагање на државата.

Помалку приходи, повеќе расходи, можно ли е?

Намалените приходи, за Мицкоски очигледно не значи дека ќе предизвикаат и намалени расходи. Напротив, тој ветува уште повеќе пари кон граѓаните и зголемена поддршка кон општините.

„Следната влада на ВМРО-ДПМНЕ во рок од една година линеарно ќе ги зголеми пензиите од 5.000 денари за сите пензионери во Македонија. И ова е ветување кое што сакам да го дадам од оваа говорница, од оваа трибина дека во рок од една година од изборот на влада на ВМРО-ДПМНЕ пензионерите ќе ги добијат линеарно тие 5.000 денари зголемување на пензиите“ порача Мицкоски.

За четири години мандат Мицкоски ветува дека Владата што тој би ја предводел во општините би „вбризгала“ ни повеќе ни помалку, туку една милијарда евра.

„Проектот кој ВМРО-ДПМНЕ има намера да го аплицира, тоа е проектот да обезбедиме 250 милиони евра годишно од централниот буџет за инвестиции капитални во општините за основни потреби“ најави вчера Мицкоски.

Од каде ќе се најдат доволно средства за сето ова, Мицкоски не најави, можеби за тоа се уште се прават пресметки, по што сигурно ќе се знае колку сето ова е „математички прецизно“.

Намалувањето на даноците – спротивно на целите на Левица

Мицкоски неодамна не исклучи можност за коалиција со Левица по парламентарните избори, а истото го стори и Димитар Апасиев.

Сепак, ветувањето на Мицкоски за драстично кратење на Данокот на добивка и тоа кон оние со највисоки профити, нема да биде добро прифатено од партијата Левица, која се залага за сериозно зголемување на даноците кон најбогатите, кои според нив треба да плаќаат многу повисок данок од останатите.

Засега нема никаква реакција од Левица на ваквите ветувања на Мицкоски, а откако се случи тешка конфронтација со ВМРО-ДПМНЕ по гласањето на Деловникот во Собранието, партијата предводена од Апасиев во најголем дел од времето се занимава со глобални и националиситички теми.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.