Мафијашите се пресметуваат – граѓаните во страв!

news
Advertisement

Вооружениот инцидент министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го оцени за изолиран случај, велејќи дека граѓаните не треба да стравуваат за безбедноста кога се движат на јавен простор и додаде дека „вакви изолирани инциденти се случувале и ќе се случуваат“. „Сега објавивме војна, неселективна против тие криминални структури и тука нема да застанеме, рече тој. Поранешниот началник во МВР, Љубомир Ѓурчески, за весникот ВЕЧЕР вели дека најтешките форми на организиран криминал се секаде во пораст на светско ниво, а и Македонија како дел од таа глобална заедница не е исклучена. И поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов вели дека мотивот за насилството е трговијата со дрога и оти веројатно во прашање е пресметка меѓу мафиите кои имаат монопол врз овој пазар. Но, според него, проблем е во тоа што мафиите во Скопје речиси секогаш се поврзуваат со партиите на власт и оти тие ги штитат.

Advertisement

Безбедноста по граѓаните не е загрозена, изјави вчера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, по инцидент во трговскиот центар „Ист гејт мол“ во Скопје во вторникот попладне, во кој маж со огнено оружје пукаше и рани две лица во внатрешноста на објектот. Вооружениот инцидент Спасовски го оцени за изолиран случај, велејќи дека граѓаните не треба да стравуваат по безбедноста кога се движат по јавен простор – „вакви изолирани инциденти се случувале и ќе се случуваат“, вели министерот.

Тој посочи дека е формиран посебен штаб во Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје, кој заедно со одделите за организиран криминал, криминалистичка полиција и форензика работи на прибирање на информации и докази со цел утврдување на фактите и мотивите за нападот во „Ист гејт“.

„Се работи интензивно на утврдување на фактите, но засега не може информациите да ги споделиме со јавноста. Најдобро е сите информации да се земаат од официјалните институции, а тоа што ќе го напише некој на социјалните мрежи да не се зема со преголема сериозност. Сите докази се прибираат во рамките на истражната постапка и ќе бидете информирани за сè, изјави вчера министерот.

Прашан како можело да се дозволи ваков пропуст по однос на безбедноста на граѓаните и во рок од два месеца повторно да се случи вооружен напад во рамки на истиот трговски центар, Спасовски рече дека нападот е дел од криминалните активности кои секојдневно се случуваат не само во Скопје, туку и во другите градови. Додаде дека полицијата постојано презема мерки за сузбивање на криминалните групи.

„Сега објавивме војна, неселективна против тие криминални структури и тука нема да застанеме. Само во последниот месец имаме приведено тројца како дел од групата, кои беа дел од оперативната акција ‘Планина’ и тоа говори за еден висок степен на ангажираност и за конфронтација на тие криминални групи кои 30 години некој ги содавал. Апсолутно треба да биде јасно на сите дека безбедноста на државата и градот е најважна“, рече Спасовски.

Вчерашниот вооружен напад во трговскиот центар „Ист гејт“ е втор во период од два месеца. Неофицијално, како што објавија дел од медиумите, цел на пукањето повторно бил Раде Трајковски, со прекар Штекли, кон кого, исто така во „Ист гејт“, беше пукано пред два месеца.

М.Н. Скопје сè повеќе личи на светските метрополи каде што во пораст се криминални пресметки

Експертите велат дека и Скопје сè повеќе личи на светските метрополи каде што како рефлексија на сите актуелни случувања светските црни хроники се полни со информации за пораст на криминалот, убиства и пукања на улица, но, тоа не е апсолутно никакво оправдување за пукања на јавни места. Полицијата, велат експертите, треба да го контролира оружјето, но и објекти за кои има сознанија дека на тие места често се движат или ги посетуваат лица со криминални активности.

Деновиве јавноста ја загрижија и информациите на кои предупредија италјанските разузнавачки служби, дека на Балканот дејствуваат 20 џихадистички келии, кои имаат за цел терористички напади низ Европа. Весникот Ил Темпо пренесе дека повеќето од овие групи се на Косово, Албанија и Босна, но ги има и во Македонија како и во Црна Гора и Србија.

Факт е дека органзираниот криминал на светско ниво е во силен пораст, почнувајќи од трговија со дрога, трговија со човечки органи, грабнувања, киднапирања, перења пари, шверц на оружје. Најтешките форми на организиран криминал се секаде во пораст на светско ниво, а и Македонија како дел од таа глобална зеедница не е исклучена, вели за весникот ВЕЧЕР, Љубомир Ѓурчески, поранешен началник во МВР. Во тој контекст Македонија не е исклучена и од можна регрутација на платени војници од која било страна во кризните подрачја каде што се водат војни, вели Ѓурчески.

-Тоа е оној дел за кој сакаме да кажеме дека Македонија не е исклучена од вкупните безбедносни состојби, и тие како што се нарушени во глобала, така се нарушени и во Македонија. И не може да се каже дека во целост безбедносната состојба ни е стабилна и добра, но исто така во Македонија во пораст се и меѓусебните престрелки на криминалните групи, кои тргуваат со дрога, оружје или со луѓе, и ние сме сведоци дека во последните 5-6 години имаме неколку такви кривични дела, убиства на јавни места, што е дополително загрижувачки елемент, со оглед што на јавни места може да биде жртва кој било недолжен граѓанин, меѓу кој и деца, жени, вели Гурчески.

Тоа не значи дека МВР треба да прави упади во локали како во американските филмови, но Ѓурчески оценува дека има потреба од подобрување на активностите во делот на превенција.

– Полициските службеници треба да бидат поприсутуни таму каде што ни се случуваат такви кривична дела како што се молови, училишта, трговски центри, јавни места, плоштади, вели Ѓурчески.

И поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, вели дека МВР има посебни програми со кои службите се насочуваат на одредени места за кои има потреба.

Во врска со пукањето во „Ист гејт“, тој вели дека мотивот за насилството е трговијата со дрога и оти веројатно во прашање е пресметка меѓу мафиите кои имаат монопол врз овој пазар. Но, според него, проблем е во тоа што мафиите во Скопје речиси секогаш се поврзуваат со партиите на власт и оти тие ги штитат.

Во врска со глобалните безбедносни закани Трајанов вели дека тие се рефлксија на случувањата во Газа каде што има конфликтот меѓу Израел и Хамас, како и на војната во Украина.

-Овие случувања сигурно ќе имаат рефлексија и во Македонија Ние сме членка на НАТО и тоа е огромна предносот од аспект на безбедноста, но во некои ситуации ние сме предмет и на можен напад на Исламска држава и други терористички организации кои функцинираат особено на Блискиот Исток – вели Трајанов.

Во светски рамки во изминатиот период поради констатирани зголемени криминални активности беа засилени безбедносните мерки во метрото во Њујорк, а во Брисел по последните пукања пред фудбалски натпревар беше прогласена закана од терористички напади.

Трајанов вели дека глобалните закана може да се рефлектираат и врз состојбите во Македонија, но оти нема оправдување Македонија да се навикнува на сцени со пукања на јавни места, и други криминални и насилни активнсоти, аргументирајќи го овој став и со големиот број вработени полицајци и постоењето на повеќе безбедносни служби.

– Тоа се рефлексии. Светот се дели на сфери на влијание, едната е Кина, Индија и Русија, а другата е Америка и ЕУ. Тоа ќе се испреплетува во многу помали држави и ќе има рефлексија, како што тоа се случува на Блискиот исток, ќе се случува пошироко. Но, не може да се навикнуваме, државата треба да функционира, ние сме помала држава имаме многу безбедносни организации и тоа е нивна работа да спречат насилнички активности. Проблем е што партиите ги штитат овие структури, но не очекувам посебна ескалација доколку функцинира системот во државата. Не функцинираме како што треба. Независно што сме членка на НАТО треба да водиме сметка за внатрешната стабилност и да работат службите. Имаме најмногубројна полиција, Агенција за разузнавање, Армија сетоа тоа треба да биде ефективно, а не само да фигурираат на платен список. Треба да работат службите, безбедносни камерите во моловите и на други места имаат свој удел, но најважно е оперативните служби треба да ги разбиваат криминалните групи и да работат на тоа – порачува Трајанов.

(М.С.)

На Штекли му е отстранет дел од белите дробови

Раде Трајковски-Штекли е хоспитализиран на интензивна нега, пренесува ТВ21. Директорот на Универзитетскиот медицински центар за торакална и васкуларна хирургија, д-р Неџат Јакупи, во изјава за ТВ21 рече дека здравствената состојба на повредениот Раде Трајковски-Штекли е стабилизирана, но не може да се каже дека е надвор од животна опасност. На Штекли му е отстранет дел од белите дробови.

„Направена е обемна интервенција на левиот граден кош. Отстранет е дел од белите дробови оштетен од куршуми. Беа третирани рани на десното рамо. Пациентот ја поминал ноќта на интензивна нега, утрото бил стабилизиран. Тој е во состојба на свест со спонтано дишење и е под опсервација и на интензивна нега во Карил“, нагласи Јакупи. Појаснува дека тој во моментов е стабилизиран и дека е рано да се процени идната состојба.

Извор: https://www.vecer.press/%d0%bc%d0%b0%d1%84%d0%b8%d1%98%d0%b0%d1%88%d0%b8%d1%82%d0%b5-%d1%81%d0%b5-%d0%bf%d1%80%d0%b5%d1%81%d0%bc%d0%b5%d1%82%d1%83%d0%b2%d0%b0%d0%b0%d1%82-%d0%b3%d1%80%d0%b0%d1%93%d0%b0%d0%bd%d0%b8%d1%82/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.