Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е против донесување на Законот за амнестија, што го предложи Лога, а по кратки перипетии, го прифати и Владата..
Законот за амнестија се уште не е стигнат до Собрание, но освен опозицијата, против неговото донесување е и Министерот за внатрешни Оливер Спасовски…. Смета дека со вака предвиденото решение нема да постигне завртаната цел за растеретување на пренатрупаноста во затворите, а носи ризици по безбедноста. Наспроти тоа, порачува Спасовски, државата треба поинаку да му пристапи на проблемот, а решенијата да одат во насока на зголемување на капацитетите на затворите.
„Апсолутно не е соодветно ниту времето ниту моментот на носење Закон за амнестија. Второ, опфатот кој е барем соопштен, дека ќе опфати прилично мај број на лица, исто така нема да помогне многу. Меѓутоа сега тоа е работа на собранието. Прво, сметам дека нема да имаме никакви ефекти во однос на носењето на законското решение, нема да допринесе значително да се ослободат места или да се намали притисокот на казнено – поправните установи. Јас мислам дека треба државата стратешки да размислува во зголемувањето на капацитетите на затворските институции.“
Со законот, кој е на предлог на министерот за правда, целосно ќе се ослободат лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци, а на останатите осуденици на полесни кривични дела ќе им се намали казната за 30%. Целта на носењето на законот, како што стои во оваа верзија, е ресоцијализација на сторителите на кривични дела и намалување на пренатрупаноста во затворите а со тоа и државата да има помал финансиски трошок. Но токму со ова не се согласува Спасовски, бидејќи според него и во минатото амнестирани осуденици по три месеци слобода повторно завршувале во затвор.
„Ние секогаш укажуваме на тоа дека оние лица кои сториле кривични дела, пред се разбојништва, тешки кражби, претставуваат уште терет за безбедносната состојба. Или ако ги погледнеме минатите закони за амнестија ќе видите дека најголемиот дел од тие лица за 2 до 3 месеци повторно се враќаат назад затоа што имаат повторно кривични дела и со кои ние секојдневно се справуваме.“
Ако законот се донесе, ќе биде втор на кој министер јавно се противел на негово донесување. Претходно министерот за правда Кренар Лога не се согласи со измените на Кривичниот законик на чиј предлог беше потпишана неговата заменичка Аврамовска – Мадиќ. Законот за амнестија, според најавите требаше во средата да биде доставен до Собранието, но на брифингот во четвртокот Лога рокот го пролонгираше за 10-тина дена..
Извор: https://kanal5.com.mk/ministerot-za-vnatreshni-spasovski-e-protiv-predlozheniot-zakon-za-amnestija/a603267