Губитокот на партнер или најдобар пријател остава празнина која речиси е невозможно да се пополни.
Токму таква болка доживеале Кајтлин Реган и Мирко Мормил – таа го изгубила своето момче, а тој најдобриот другар.
Франческо ЛоПрести почина во 2022 година од рак на 24-годишна возраст, оставајќи зад себе празнина што засекогаш ги обележа нивните животи.
Сепак, тагата, неочекувано, ги зближи. „Откако Франческо почина, сите сакаа да тагуваат во тишина. Но ние моравме да зборуваме за тоа. Тоа беше нашиот начин да преживееме,“ признава Кајтлин. Мирко додава дека немал избор освен да се соочи со болката: „Чувствував дека ќе ми го уништи животот ако се преправам дека ништо не се случило.“
Од непријателство до блискост
Интересно е што нивното запознавање воопшто не почнало добро. Кајтлин се сеќава на првиот состанок со Мирко – дошол со Франческо, тивок и незаинтересиран. „Се прашував – дали овој дечко воопшто зборува?“ се присетува таа.
Мирко признава дека во тој период не бил баш воодушевен од неа „Бев љубоморен. Како преку ноќ да изгубив најдобар пријател.“ Но, со тек на време сфатил дека Кајтлин е личност на која може да ѝ верува. Кога Франческо му советувал да побара нејзин совет по едно раскинување, сè се променило. „Тогаш сфатив дека таа е прекрасна личност на која не ѝ дадов шанса.“
Љубов од болка
По смртта на Франческо, тие двајца почнале да поминуваат многу време заедно, помагајќи си еден на друг да се справат со тагата. Мирко ја охрабрил Кајтлин повторно да се врати на ТикТок.
Исто така ѝ помагал да учи и да чита книги за самопомош и надминување на загуба.
Во тој процес, се родиле емоции. „Беше застрашувачко да си признаам дека можеби ми се допаѓа. Чувствував грижа на совест, но и сигурност што не ја очекував,“ вели Кајтлин. Мирко додава дека и тој долго време чувствувал нешто, но немал храброст да го покаже.
На крајот, Кајтлин прва ги признала своите чувства и ризикувала сè.
Љубов и покрај осудите
Иако нивната врска сега е јавна, многумина ја дочекаа со осуда. Имаше такви што сметаа дека нивната љубов е „непочитување“ кон споменот на Франческо. Но Кајтлин и Мирко веруваат во спротивното.
„Франческо ми велеше дека никогаш не сака да ме остави сама. Рече дека, ако тоа не биде тој, тогаш животот ќе ми донесе некој што тој го ‘скроил’. Верувам дека би бил среќен што Мирко ме чува и ме сака,“ искрена е Кајтлин.
Иако тагата никогаш целосно нема да исчезне, тие двајца одлучија преку неа да пронајдат сила и нова љубов. „Сега живееме за себе, а не за мислењата на другите,“ заклучуваат Кајтлин и Мирко.
Извор: ona.telegraf.rs / М.С.К