Анализите на Институтот за јавно здравје покажаа зголемени концентрации на жива, сребро и нитрити во одводниот канал кај Таор, каде што во ноември минатата година се појави необична бела пена. Испитувањата беа извршени по барање на АД „Водостопанство“, а резултатите предупредуваат на сериозен ризик по здравјето на луѓето и животната средина.
Покрај металите, во водата се забележани и зголемен број на термотолерантни колиформни бактерии, што укажува на сериозно загадување. Државниот инспекторат за животна средина предупредува дека присуството на жива е невообичаено и потенцијално опасно, особено за рибниот фонд, кој може да се користи за исхрана.
Отпадните води од општините Гази Баба, Илинден, Арачиново и Петровец се слеваат во овој канал, што го прави проблемот системски. Дополнително, Скопје сè уште нема функционална пречистителна станица за третман на отпадните води, што го зголемува ризикот од загадување на Вардар.
Надлежните институции најавуваат продолжување на мониторингот и дополнителни анализи, додека еколошките организации повторно апелираат за итно системско решение за третман на отпадните води во регионот./trn.mk