Мицкоски: Ако референдумот биде отфрлен, ќе се влошат релациите меѓу Владата и опозицијата

news
Advertisement

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека доколку написите во кои се вели дека власта се подготвува за отфрлање на референдумската иницијатива за поништување на договорот со Бугарија, која ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе до Собранието се точни, се потврдува дека кај СДСМ и ДУИ владее страв од волјата на народот со обидите за избегнување на референдумското изјаснување.

Advertisement

„Бегаат од предвремени избори, бегаат од народот, единствено не бегаат од криминалот и кражбите. Не заслужуваат да се викаат Влада. Прават сѐ да ги влошат односите со опозицијата. Јас уште еднаш ги предупредувам дека единствената одговорност ќе биде кај Владата, бидејќи не покажува демократски капацитет. Ова е одлична можност за демократско изјаснување на народот и на референдум и на предвремени избори“, изјави Мицкоски.

Сепак, Мицкоски вели дека се надева оти станува збор за шпекулации и дека треба да се остави на претседателот на Собранието, Талат Џафери, да даде зелено светло за иницијативата по што ќе се тргне во поход по потребните 150 илјади потписи за да се оди на референдум.

„Да го оставиме Талат Џафери да го каже својот збор и да одиме на собирање на потребните потписи за организирање на референдум за поништување на договорот со Бугарија“, вели Мицкоски.

Кога станува збор за енергетската криза, Мицкоски вели дека Владата го заборава стопанството и локалната самоуправа кои во овие моменти се соочуваат со тешкотии поради високите сметки за струја.

„Владата ги гледа само директните последици, а јас велам дека не се доволни парите од половина милијарда што се наменети за кризата. Состојбата е алармантна и доколку нема обид Владата да се корегира, сѐ е можно“, кажа Мицкоски.

За откупот на грозјето, тој вели дека реалноста која му ја презентирале лозарите денеска е дека нема вистински откуп, дека цената на грозјето е покачена минимално, но и дека тоа не е доволно кога состојбите во лозарството се екстремно тешки.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.