Мицкоски за Арсовска: Кога не се исполнуваат очекувањата, патиштата може да се разминат

news
Advertisement

Секој проект поврзан за Град Скопје, кој е во вистинска насока, без разлика дали е од градоначалничката Данела Арсовска или од мнозинството во Советот ќе ја има нашата поддршка. Секој проект кој цениме дека не е во насока на добрите политики ние нема да го поддржиме, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на прашање дали Арсовска се уште има поддршка од него.

Advertisement

Тој по денешниот состанок со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, рече дека за него е важно Скопје да се развива и затоа поддржале независен кандидат.

– Но, во животот имате моменти кога ќе видите дека очекувањата не се исполнуваат и тогаш патиштата може едноставно да ви се разотидат. Важно е патот на ВМРО-ДПМНЕ да е оној кој е вистинскиот, а Скопје да биде метропола, и преку советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе продолжиме така да делуваме, рече Мицкоски.

Тој во однос на доскорешниот генерален секретар во Град Скопје Ѓоко Велчковски и разрешениот в.д. директор на ЈП „Водовод и канализација” Златко Перински, истакна дека има апсолутна поддршка во нив и оти верува во нивното чесно работење.

– Вистината е следна, и Ѓоко Велковски доскорешниот  секретар  кој  денеска  ја  напушти  таа  позиција  и  Златко  Перински  имаат  моја  недвосмислена  поддршка  верувам  во   нивниот чесен карактер и чесно работење и тие остануваат дел од плановите на ВМРО-ДПМНЕ и  во  иднина.   Што  се  однесува  до  Перински  можам  да кажам  дека  постигнува исклучително високи финансиски резултати во работењето на ЈП Водовод откако е поставен. Во првиот квартал има зголема добивка, за 50 милиони денари поголема наплата и тоа се резултати за почит, јас би посакал да имам таков  соработник, а некој за жал не успева да ги искористи нивните капацитети, рече Мицкоски.

Во врска со набавката тој потенцираше дека таа е од 2019 година кога, како што рече, градоначалник бил некој друг и  оти е проект финансиран од Светска банка преку Европската инвестициска банка, зад кој стои државата со свој претставник, Министерството за животна средина.

– Од тоа што знам од страна на финансиерот сите документи се доставени без приговор. Ако некој може да има толкава моќ да влијае и врз Светска банка и врз Европската инвестициона банка, јас би му честитал јавно ако е толку моќен. Јас во името на овие луѓе не гледам таков. Ова е сериозен проект и апелирам до новиот директор, да го заврши затоа што е битен за скопјани, Скопје за жал е град кој се уште нема прочистување на отпадните води затоа имаме чувство на миризба кој доаѓа од Вардар и ќе го охрабрам да се реализира овој проект и да не пропадне како што пропадна една друга инвестиција и покрај што имавме добри намери да ја одржиме во живот. Ги охрабрувам Арсовска, новиот секретар и новиот директор да го реализираат овој проект, изјави Мицкоски.

Град Скопје го разреши Златко Перински, в.д, директорот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација” на 9 септември годинава, како што соопшти, поради самоволие и несоодветно постапување во постапка за милионски тендер. – Поради обиди за влијание кои се сметаат за тенденција која ги потврдува основаните сомнежи на Град Скопје за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач на тендер вреден 136 милиони евра, за изведба на пречистителна станица, Перински е разрешен во петокот на 09.09.2022 година, соопштија од Град Скопје./slobodenpecat.mk/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.