Откако ќе се заразите со херпес вирусот, тој останува неактивен во вашето тело и само чека поволна можност. Научниците го открија начинот на кој овој вирус, по неколку години, па и децении, повторно може да се активира.
Варичелата е добро познат пример. Причината за тие меурчиња кои предизвикуваат чешање на кожата е еден од деветте познати херпес вируси кои можат да ги инфицираат луѓето – варичела зостер вирусот. Распространет е низ целиот свет, а варичелата е првенствено позната како детска болест. Децата претежно ја прележуваат без поголеми последици, но – вирусот останува.
Навлегува во нервните клетки, таканаречените ганглии и може повторно да се активира дури и по неколку години, па дури и децении и да предизвика заразна болест херпес зостер.
Покрај вирусот варичела зостер, во семејството на херпес вируси припаѓаат и вирусите на херпес симплекс тип 1 и 2. Тие се добро познати во светот, бидејќи предизвикуваат појава на болни меурчиња на усните, а постои и генитален херпес. И цитомегаловирусот (CMV) е широко распространет, може да биде причина за тешки компликации и оштетување на органите, особено кај луѓе со супримиран имунитет.
„Најважното нешто за вирусите на херпес е тоа што тие латентно остануваат во телото до крајот на нивниот живот по примарната инфекција“, објаснува Ларс Долкен, виролог од Универзитетот во Вирцбург.
Тој заедно со своите колеги сака да открие каков механизам стои зад повторното будење на вирусот, па ги проучува херпес вирусите тип 6А (HHV-6A). Тој и неговиот тим ги објавија резултатите од нивната студија во стручното списание „Nature“ и открија претходно непознат клеточен механизам со кој вирусот повторно се буди.
Вирусот чека поволна можност
Кога некој ќе се зарази со херпес вирусот за првпат, често тоа не го ни забележува. Проблемите главно се предизвикани од реактивацијата на вирусот. За ова, тој често ја користи фазата во која имунитетот на една личност веќе се бори против некои други предизвикувачи на болести. Тоа може да биде настинка, но и силен физички или ментален напор. Особено се погодени луѓето со ХИВ или луѓе кои имаат трансплантирани органи.
Херпес вирусот од тип 6А влегува во геномот на човечката клетка и останува таму во латентна фаза додека не добие добра можност повторно да нападне и да се размножува. Тогаш еден одредена микро РНК го реактивира вирусот.
„Речиси сите херпес вируси создаваат свои микро РНК, кои се особено важни за вирусите. Но, не постои пример на херпес вирус каде што микро РНК е толку фундаментален“, вели вирологот Долкен. „Ако ги исклучиме тие вирусни микро РНК, тогаш вирусот е – малку поедноставено кажано – мртов“.
Вирусна микро РНК како помошник
Микро РНК-та, за разлика од, да речеме, мРНА, не е задолжена за пренесување на планот за производство на протеините. Таа е вклучена во некоординирачка РНК. Наместо тоа, вирусната микроРНК се меша со метаболизмот на одредени човечки микроРНК и го кочи нивниот развој.
Резултатот е нарушување во производството на т.н интерферон тип I. Тоа се природни протеини произведени од клетките на имунолошкиот систем како одговор на, да речеме, појавата на вирус.
„Но, тоа секако не е единствениот механизам што е нарушен“, вели Делкен и нагласува дека тој и неговиот тим се само на почетокот на нивното истражување.
Вирусната микро РНК им овозможува на херпес вирусите да го избегнат имунолошкиот систем, особено Б и Т-клетките кои ги елиминираат инфицираните човечки клетки. Овие клетки препознаваат туѓи протеини, да речеме некој вирус.
„Меѓутоа, херпес вирусите успеваат да ги репрограмираат клетките домаќини со помош на РНК и да ги користат за своја корист, без нашиот имунолошки систем да добие шанса да ги препознае овие клетки како заразени“, објаснува германскиот виролог.
Од ковид-19 до херпес и продолжен ковид
Откривањето на одлучувачка вирусна микро РНК не овозможи само да се спречи повторното активирање на вирусот на херпес. Овие наоди и понатамошни истражувања исто така би можеле да помогнат во реактивирање на латентните клетки во телото, кои имунолошкиот систем потоа би можел да ги препознае и да ги направи безопасни.
„Пред трансплантацијата на органи, би било добро да се исклучат клетките инфицирани со херпес вируси“, вели Долкен.
Тој и неговите колеги би можеле да придонесат за решавање на друг проблем со нивното истражување: таканаречениот продолжен или пост -ковид синдром. Со оглед на тоа што херпес вирусите често го напаѓаат веќе ослабениот имунолошки систем, научниците се сомневаат дека тие се исто така вклучени во различни обрасци на болеста кај пациенти со продолжен ковид.
Сепак, иако сè уште има повеќе прашања отколку одговори, сега се познати барем неколку од главните „осомничени“, вклучувајќи го и ХХВ-6.

Научниците открија: Зошто херпесот секогаш се враќа?
Advertisement
Advertisement
Advertisement