Нема доктор ни за лек, нема пари за скрининг на рак, а корупцијата во здравството цвета!

news
Advertisement

Најновиот извештај од Европската Комисија за напредокот на земјава го нотира проблемот со немањето лекари во Македонија, здравството се посочува како една од најкорумпираните области, слабо оди скринингот за карцином и поддршката за пациентите со ретки болести.

Advertisement

Дополнително, во Македонија, според извештјот на ЕК, има недостиг од одредени медицински специјалности, а соодносот на лекари и сестри на 100 илјади жители продолжува да биде под просекот на ЕУ. Медицинскиот кадар, сестрите и специјалистите продолжуваат да го напуштаат јавното здравство за да работат или во приватниот здравствен сектор или во странство.

Трошоците за здравството дадени од џебот на граѓаните, продолжуваат да бидат високи 38 проценти, што е пречка за еднаквиот пристап до здравствена заштита за сите, пишува во најновиот извештај за напредокот на Северна Македонија.

Во него се додава дека иако примарната здравствена заштита во земјава е бесплатна, достапноста, опсегот на услугите, географската дистрибуција и финансирањето на примарното здравство може да биде подобро.

„Што се однесува до скринингот за карцином, нема разбирлив и проактивен пристап за скрининг. Не се одвојуваат доволно пари за скрининг на карциномот. Под притисок на јавноста, буџетот за ретки болести е нешто покачен, но не доволно за да ги покрие трошоците за третманот на сите регистрирани пациенти“ пишува во извештајот.

Еден горлив проблем за кој во Македонија нема напредок е пушењето цигари. Иако институционално и законски земјава е на исто рамниште со законите со кои се забранува пушење на јавни места, сепак Европската Комисија забележува дека пушењето на големо се толерира, не се санкционира ниту во рестораните ни на други јавни места, дури и на затворено.

„Пушењето на јавни места треба да биде казнувано во согласност со европското право, но ова не се имплементира целосно. Северна Македонија уште го нема верификувано протоколот за елиминација на недозволената трговија со тутунски производи“, се наведува во извештајот.

Здравствениот сектор и инспекторатите се подложни на корупција делумно зашто нема добри критериуми за одредување на цената на здравствените услуги и лековите. Процедурите за медицински третмани во странство се необјективни и нетранспарентни. За превенција на корупцијата треба да се подобри интегритетот и дигитализацијата. Инспекторатите одговорни за контроли на пазарот и за безбедноста на производите имаат нејасни и ингеренции кои се преклопуваат, и несоодветен кадар. Повеќето од анти-корупциските стратегии во областа на здравството се неспроведени.

Европската Комисија забележува напредок во бројот на извршени трансплантации. Во земјава за првпат е направена трансплантација на црн дроб. За лековите за човечка и ветеринарна употреба, беше усвоена легислатива дизајнирана за да се усогласи правото за остатоци од фармаколошки активни супстанци, остатоци од пестициди и максимални нивоа на поедини загадувачи во храната од животинско потекло.

Онлајн анкета за превенција на злоупотребата на дрогите покажала дека во училиштата расте свесноста за штетноста на алкохолот и наркотиците.

-Нема прогрес за здравите средини. Беа правени напори за борба против нееднаквоста во здравството, за луѓе што живеат во оддалечени средини или за сиромашните, ама тие напори се водени од интернационални организации и невладиниот сектор, а не од здравствените власти, се забележува во извештајот на ЕК.

За време на извештајниот период, креирана е мобилна апликација „Мое здравје“ која им овозможува на пациентите да имаат пристап до нивните здравствени досиеја, медицинските испитувања, упатите од специјалистите, рецептите, примените вакцини и релевантните сертификати.

ИЗВОР: https://www.slobodenpecat.mk/nema-doktor-ni-za-lek-nema-pari-za-skrining-na-rak-a-korupcijata-vo-zdravstvoto-cveta/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.